Османи на 131- та сесија на Комитетот на министри на Советот на Европа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи имаше обраќање на тема ,,Споделена одговорност за демократска безбедност во Европа’’ на видео-конференцијата на сесијата на  Комитетот на министри на Советот на Европа, со кој претседава Германија, а која се одржа во хибриден формат во Хамбург.

,, Владата на Република Северна Македонија е цврсто определена за почитување на вредностите и принципите на Советот на Европа-владеење на правото, демократијата, почитувањето на човековите права, вредности што остануваат врвен приоритет за Северна Македонија, пред се како обврска кон нашите граѓани, но и како полноправна членка на Советот на Европа и земја кандидат на прагот на отпочнување на преговорите за членство во ЕУ. Вредностите и принципите на Советот на Европа се патоказот за Северна Македонија во процесот на преговори и целосно интегрирање во Европската Унија“, истакна Османи.

Во своето обраќање министерот Османи се осврна на клучните предизвици поврзани со заштитата на човековите права, демократијата и владеењето на правото како и влијанието на КОВИД-19 врз овие основни принципи на кои се темели Советот на Европа. Притоа ја потенцираше важноста од мултилатералната соработка и солидарност, особено при справување со комплексни прашања, какво што е рамномерната дистрибуција на вакцини.

Инаку, по претседавањето на Германија, шестмесечното претседателство со Комитетот на министри го презема Унгарија, кое ќе трае до средината на ноември 2021 година.