Османи не се согласува со Меџити, се спротивставува на ставовите околу Владата и партијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Минатата недела, потпретседателот на партијата, Изет Меџити рече дека во влада не е најдоброто од ДУИ и дека вицепремиерот Груби и министерот Османи не можат да го претставуваат електоратот на Интегративците во Скопје. Дури рече дека министрите се безгласни и невидливи. Во врска со ова синоќа во Клик Плус говореше неговиот сопартиец, министерот Бујар Османи.

„Без коментар, бидејќи немам за цел да коментирам лични ставови, јас го мислам токму спротивното. Мислам дека тимот е еден од најкоординираните, најефикасните до сега во имплементација на програмата“, истакна Бујар Османи, портпарол на ДУИ.

Внатрепартиските несогласувања можат негативно да влијаат и на локалните избори во октомври, тврдеше Меџити.

„Неусогласеноста, неконсултирањето на органите по конгресот што се одржа пред една година, секако влијае кај структурите, кај електоратот и може да им наштети на локалните избори“, изјави, Изет Меџити од ДУИ.

Но ниту со ова не се согласува портпаролот на Интегративците. Османи смета дека ДУИ никогаш не била подобра.

„Јас не сакам да го потценувам мислењето на господинот. ДУИ има 100 илјади гласачи кои може да имаат различни мислења, меѓутоа ќе потсетам на сработеното кое е направено со голема искреност, со голема чесност. Во ДУИ секојпат сум велел, има големо шаренило во текот а мандатот, а тоа е доброи, здраво е, во момент кога започнува изборен процес, сите стануваат едно, тоа е исклучително, треба да бидете внатре за да ја почувствувате таа енергија“, додаде Османи.

И градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу кој тврди дека има волја за втор мандат,не мисли дека внатрепартиските несогласувања во ДУИ ќе влијаат на локалните избори. Дури може да помогне, додава тој.

„Јас мислам дека не. Има групи не само кај нас туку во секоја партија. Се чини дека тие моменти не се добри но понекогаш може да дадат и позитивни резултати бидејќи секој револт сигурно ни овозможува како партија да се консолидираме, да ги видиме грешките, да се коригираме“, рече градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.

Портпаролот на ДУИ, Османи синоќа говорејќи за критиките кои доаѓаат токму од партијата на која и припаѓа, рече дека никогаш кај нив не е задушуван различниот глас и дека секое мислење треба да се сослуша, но на крај дека одлуките се носат со мнозинство и од лидерот. Потврди исто така дека нема план за реконструкција на владата, дека ДУИ има добра позиција во владата и дека соработката со СДСМ е добра и ефикасна.