Лидерот на ДУИ Али Ахмети воопшти не изјавил дека се преговара за знамето, химната или грбот, станува збор за несериозно пренесена изјава, вели министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи.
„Јас можам да демантирам дека Ахмети рекол такво нешто, инаку навистина сметам дека е несериозно пренесување изјава на Ахмети во која што евоцира разговори од пред 20-30 години, кога се разговарало за новото знаме, химната, грбот, кога имаше проблеми пред 10-тина година. Меѓутоа нема такви преговори по однос на овие прашања.“, рече Османи.
Додава дека прашањето на химната не е инклузивен елемент во државата, а тоа се чувствува и на спортските натпревари.
Во однос на новото вето и решението со Бугарија, Османи вели дека португалскиот предлог и натаму е жив иако Португалија го завршува претседателството.
„Словенија, словенечкото претседателство го презема португалскиот предлог и продолжува да работи на него, со една еден силен одек на поддршка од 26 земји членки, кој што е невиден до сега по однос на било кое прашање во Европскиот совет“, вели Османи.
Меѓутоа Османи кажа дека не може Бугарија да не блокира толку колку што ние сме упорни да успее процесот.
„Нема алтернатива од нешто членство. Гледајте ја мапата на Европа и ќе видете дека ние сме остров таму. Нема географска логика, нема економска логика за било која алтернатива. Тоа е патот, крајната станица е тоа, тоа е шина која води кон еден правец. Прашање е само на време кога, но јас мислам дека тие не можат да не блокираат, колку што ние сме упорни.“, рече Османи.
Бугарија вчера си остана на зборот и не го тргна ветото за почеток на пристапните преговори на Македонија со Европската унија на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ. Бугарското Министерство за надворешни работи соопшти дека ја потврдиле својата позиција на состанокот, но дека остануваат отворени за дијалог за време на претстојното Словенечко претседателство со Европскиот совет за наоѓање на заемно прифатливи решенија.
