Османи очекува решение со Бугарија – Бугарија бара Патоказот да биде дел од преговарачката рамка

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Министерот за надворешни работи Бујар Османи оценува дека самата најава за формирање политичка влада во Бугарија ќе го олесни процесот на надминување на отворените прашања и со тоа и можно деблокирање на европскиот пат на нашата земја. Тој истакна дека интензивно се работи на дефинирањето на нашиот одговор на 5+1 точките и се очекува деновиве да се достави одговор на тие предлози кои ќе биде основа за следната рунда на преговори. На први декември треба да се одржи првата седницата на новиот бугарски парламент, но останува нејасно дали до одржувањето на Советот на ЕУ ќе се постигне договор со Бугарија.

„Ние очекуваме наредните денови да има одредени конкретни чекори во смисла на размена на предлози, чекаме средба помеѓу експертите од двете министерства да се состанат и евентуално тие ставови да ги зближат уште повеќе со можности да се најде одредено решение. Доколку се сака доколку се сфати тежината на моментот, 14 дена се сосема доволни врз основа на тоа што сме го сработиле досега да се постигне договор“, истакна Бујар Османи.

Вчера се одржа и средба на четирите партии кои треба да го состават новиот владин кабинет на Бугарија, во која во рамките на договорот за надворешната политика се зборуваше и за преговорите со Македонија. Кристијан Вигенин од Бугарската социјалистичка партија ја истакна важноста од постоењето на Патна карта во која јасно ќе бидат наведени обврските на Македонија кон Бугарија за кои сметаат дека треба да бидат дел од преговарачката рамка.

„Во таа Патна карта треба да се вклучат, за Бугарија чувствителните прашања и соодветно тие чувствителни прашања треба да бидат дел од преговарачката рамка на Европската унија со Северна Македонија. Бидејќи без тоа да биде дел од преговарачката рамка ние немаме никаков реален институционален механизам кој што ќе гарантира дека Република Северна Македонија, независно од смената на Владата таму ќе ги исполнува обврските кога тоа ќе се случи“, вели Кристијан Вигенин.

За ова денеска зборуваше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски според кого ќе биде постигнато решение кое ќе биде на штета на македонските интереси.

„Бидејќи не знаат како сето тоа да го решат единствен начин им е  – дајте ни хартија лист да потпишеме некаков си договор а тој договор повторно слушнавме од страна на новото парламентарно мнозинство кај нашиот источен сосед, претпоставувам новата бугарска влада дека практично мора да ги содржи или делови или целосно речениците или главите кои се дел од Резолуцијата усвоена од страна на бугарскиот парламент со кој што се негира македонскиот идентитет“, посочи Христијан Мицкоски.

Советот на Европската унија треба да се одржи на 14 декември кога ќе се знае дали дотогаш ќе се постигне договор со Бугарија и со тоа да биде отстранета блокадата за Македонија да ги почне преговорите со Унијата.