Во текот на вчерашниот ден, во јавноста се појавија информации за случај поврзан со полициско насилство врз двајца млади момчиња, на возраст од 21 и 23 години, при полициска интервенција што се случила на 7 октомври во Скопје.
Според тврдењата на младите, полициските службеници употребиле прекумерна физичка сила, а малтретирањето наводно продолжило и откако биле совладани, со врзани раце и легнати на земја. Тие тврдат и дека полицајците употребиле огнено оружје, пукале кон нивното возило и ги оштетиле гумите.
Случајот предизвика реакции и на политичката сцена. Од ДУИ побараа целосно расветлување на настанот и утврдување на евентуалната одговорност на полициските службеници.
Во меѓувреме, Министерството за внатрешни работи информираше дека министерот наложил Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди да ги испита сите околности поврзани со интервенцијата.
До редакцијата на ТВ21 пристигнаа и дополнителни, засега неофицијални информации за позадината на целиот случај.
Според овие информации, полициската интервенција наводно била поврзана со претходна дојава за можен транспорт на наркотични средства од Тетово кон Скопје.
Изворите наведуваат и дека полициската патрола која учествувала во интервенцијата неофицијално била позната под името „Југославија“, поради нејзиниот мешан етнички состав. Според истите информации, во патролата наводно имало полициски службеници од македонска, албанска и бошњачка етничка припадност.
Дополнително, до ТВ21 пристигнаа информации дека се очекува санкционирање на сите полициски службеници кои учествувале во спорната интервенција.
Истрагата продолжува, а од Министерството за внатрешни работи се очекуваат дополнителни информации за утврдената фактичка состојба и евентуалните мерки против инволвираните полициски службеници.
