Османи: Очите на 18 милиони луѓе се кон Софија – во Бугарија „жешко“ на политичката сцена поради Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Прашање на денови е дали Бугарија ќе остане кочничар на интеграцијата на Македонија во Европската унија и со тоа ќе ја погребе европската перспектива на Западен Балкан, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи, пред одржувањето на Советот на Европа на која треба да се донесе одлука дали ќе ги почнеме преговорите со Унијата. Тој ова го изјави на заедничката прес конференција со хрватскиот колега Горан Грлиќ Радман кој е во посета на земјава.

„Дали сега пак во Софија ќе се погребе, за жал ќе користам таков збор таа перспектива на Западниот Балкан. 18 милиони луѓе, очите на 18 милиони луѓе се свртени кон Софија каква одлука ќе преземе. Бидејќи ова не е веќе прашање дали Северна Македонија ќе ги продолжи преговорите, ова е прашање дали Западен Балкан има воопшто европска перспектива. Јас се надевам дека бугарските политичари ќе се издигнат на нивото на задачата која што ја имаат и нема да дозволат во Софија да се изгради споменик на гробот на најуспешната политика на Европската унија“, истакна Бујар Османи.

А во меѓувреме во Бугарија и натаму се подгрева жешката политичка сцена. Бугарскиот премиер Кирил Петков излезе со став секој предлог за европската интеграција на Македонија кој отстапува од рамковната позиција на Бугарија од 2019 година да биде испратен на мислење до Комисијата за надворешна политика на бугарското собрание. Тој рече дека за било кој предлог да не се дава согласност додека за него се расправа во Собранието, а доколку се постигне негативен став тоа и да се отфрли.

„Секој предлог од страна на француското претседателство на Европската унија, од држава членка или од Европската комисија поврзано со одобрување на почетокот на преговорите за членство во Европската унија на Република Северна Македонија и Република Албанија, секој еден предлог кој се разликува од Рамковната позиција да биде испратено веднаш до Народното собрание и да не се дава согласност додека се разгледува во Народното собрание и ако има негативно решение автоматски да се даде негативен одговор“, вели Кирил Петков.

Министерката за надворешни работи во оставка Теодора Генчовска, пак, пред пратениците говореше за процесот на пристапување на Македонија во Европската унија и притоа го обвини премиерот Кирил Петков дека  предложил ревизија на Рамковната позиција и дека целта била да се отстрани отвореното прашања околу македонскиот јазик. Таа исто така рече и дека при средбата со Вархеи, Петков рекол дека ќе го укине ветото за Македонија. Ваквата изјава на Генчовска предизвика бурна реакција во бугарското собрание.

„На 5 април оваа година надворешно-политичкиот советник на премиерот испрати свој проект на актуелизација на Рамковната позиција. Содржината претставуваше што поскора ревизија на бугарската национална позиција. Во таа нова Рамковна позиција, проект, не фигурира бугарската позиција за таканареченото прашање за македонски јазик“, посочи Теодора Генчовска.

Европскиот совет треба да се одржи на 23 и 24 овој месец во Брисел, но за разлика од претходните самити нема оптимизам во земјава за некакви шанси дека Бугарија ќе го крене ветото за почеток на преговори на Македонија и Албанија со Европската унија.