Османи оптимист, Заев не – до изборите во Бугарија, не може да се очекува решение за спорот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И покрај нерешените прашања со Бугарија, но и претседавањето на Португалија со Унијата која  во своите приоритети го нема проширувањето, министерот за надворешни работи Бујар Османи оптимистички најавува наскоро одржување на првата Меѓувладина конференција за почеток на преговорите на земјава со Европската унија. Османи вели дека неговите очекувања од Португалија се позитивни, но и дека се надева на помошта од Германија да продолжи.

„Очекувањата исто така се големи и за португалското претседателство. Знаете дека претседателствата функционираат во рамки на тријада, односно на три претседателства кои што ги координираат активностите, насоките и политиките така да очекувам Германија да продолжи со својот ангажман Ние ќе работиме одблиску веќе овие денови испраќаме наш дипломат во Португалија со цел да биде во блиска комуникација со португалските власти но ќе ја продолжиме и комуникацијата со другите земји членки паралелно со комуникацијата со Република Бугарија“, истакна Бујар Османи.

Османи истакна дека засега се уште не е договорена средба со бугарската колешка Захариева, но рече дека уште денеска имаат координација со премиерот Зоран Заев и сите оние кои се вклучени во овој процес за да се утврди динамиката на активностите за што побрзо изнаоѓање решение со Бугарија. Заев рече дека продолжуваат со оваа средба да ја градат стратегијата, но за разлика од Османи, не очекува некаков пресврт наскоро.

„Прво изборите се несоодветен момент за решавање на вака политичко сензитивни прашања, посебно прашања кои што еве барем нашата страна не може да го утврди каде е проблемот. Јас многу често кажувам не можам да го сфатам проблемот. Јас можам да сфатам стојалишта да разговараме дури и за минатото зошто не, минатото пред се е на историчарите, ние политичарите треба да ја отвораме иднината но дефинитивно тоа не значи дека не треба да правиме напори веднаш. Јас разменив пораки и честитки со сите премиери за да си честитаме новата година секако и со претседателот на Владата на Република Бугарија“, посочи Зоран Заев.

По блокадата на Македонија за почеток на преговорите со Европската унија од страна на Бугарија,  останува неизвесно кога нашата земја би можела да се најде повторно на агендата за проширување на Европската унија. Воедно и отворените прашања со Бугарија не се очекува да се помрднат од мртвата точка се до одржување на парламентарните избори во март годинава.