И натаму позициите на Македонија и Бугарија во преговорите се различни но новиот пристап на разговорите треба да дадат одредени резултати, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој ова го истакна по средбата на двете експертски делегации од министерствата за надворешни работи што се одржа во Софија. Сепак деновиве бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчова рече дека Бугарија не отстапува од своите позиции околу идентитетските прашања. Османи, пак, вели дека за нив е важно прашањето на вметнување на Бугарите во македонскиот Устав.
„Нашата позиција е јасна што е најважното прашање и го кажуваме секој пат ќе го кажам и сега, тоа се идентитетските прашања во преговарачката рамка како европски решенија. За нив е прашањето на бугарската заедница во Република Северна Македонија и тоа веќе го идентификува на некој начин патот по кој треба да се движи овој процес. Промената на фокусот од првичниот во сегашниот а тоа е признавање на бугарско малцинство различно од македонско мнозинство мислам дека е правиот пат низ кој што треба да се води овој процес“, истакна Бујар Османи.
За состојбата со македонското малцинство во Бугарија за кое и на интервјуто на бугарскиот премиер Петков за Би-Би-Си новинарот го потсети дека тие не ги почитуваат нивните права, Османи останува на ставот дека бугарското уредување на признава малцинства и затоа ние нема да се мешаме во внатрешните работи. Во врска со провокациите што се случуваат од двете страни, тој вели дека треба да се пристапи со ладна глава и да не се дозволи да се води политиканство. Запрашан за бугарската телевизија БНТ чија програма се пренесува во земјава а во која се емитуваат и емисии во кои Гоце Делчев се претставува како Бугарин, Османи одговорноста за тоа ја префрли на институциите.
„Во однос на БНТ ние не сме регулатор и не можеме да се мешаме во програмските определби на самите телевизии. Целта на прикажувањето на телевизиите овде и таму е да се видат различните погледи, меѓутоа, доколку има такви содржини кои што можат да бидат против политиките на регулаторот во оваа држава мислам дека треба регулаторот тоа да го направи“, додава Бујар Османи.
По првата средба на експертските делегации на министерствата што деновиве се одржа во Софија, следната средба е закажана за 20 овој месец во Скопје. На 17-ти февруари ќе се одржи и средбата на четвртата работна група за образование и култура, на која меѓу другото треба да стане и збор за почетокот на емитувањето на Македонската телевизија во Бугарија, како дел од реципрочниот договор.
