ВМРО-ДПМНЕ да ги прифати уставните измени па потоа ќе може да одлучува за датум за избори. Ова е одговорот на министерот за надворешни работи Бујар Османи на предлозите од претседателот на опозициската партија Христијан Мицкоски кој изминативе денови предлага тие да се одржат напролет помеѓу Велигден и Бајрам. Во однос на ставот на Мицкоски дали треба да имаме двојни избори, односно и претседателските и парламентарните да се одржат заедно според Османи тоа е прашање на техничка, а не на политичка проценка.
„Ако ги изгласаат уставните измени ќе оставиме тие да одлучат кога ќе бидат изборите, кога и да сакаат, денеска, утре задутре, веднаш после изгласување на уставните измени. Мислам дека ова е фер понуда од наша страна. Доколку не, одиме на редовни избори дали ќе бидат заедно дали ќе бидат одвоено тоа е веќе прашање на логистика, техника и повеќе проценка на политичките партии да најдеме одреден консензус“, вели Османи.
Вчера Мицкоски предложи парламентарните и претседателските избори да се одржат во април помеѓу двата големи верски празника Велигден и Рамазан Бајрам, бидејќи како што истакна крајно време е да се одреди датум за избори. Но предлогот на Османи се чини не е прифатлив од ВМРО-ДПМНЕ, каде го повторија својот став дека не поддржуваат уставни измени а дека ДУИ ќе оди во опозицијата.
„Да сме на чисто уставни измени нема да има. Избори ќе има, редовни или вонредни, ДУИ ќе оди во опозиција и ќе се одговара за сиот криминал сторен во државата од ДУИ. Тоа му е јасно и на Бујар, јасно им е и во ДУИ и вакви изблици на нервоза како оваа на Бујар Османи само го потврдуваат тоа“, вели Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.
Околу лицитирањето на датумот на изборите, премиерот Ковачевски минатата недела изјави дека конкретните датуми зависат од законските решенија и што ќе биде договорено меѓу партиите а потоа и предложено од Собранието.
