Министерот за надворешни работи Бујар Османи тврди дека јавната набавка од 1.8 милиони евра за адаптација на салата Борис Трајковски доделена на фирмата Еуровиа е спроведена според сите законски процедури, односно таа била доделана на фирмата која имала најдобра понуда. За обвинувањата дека сопственикот на фирмата Еуровиа бил донатор на ДУИ, тој вели дека за тоа прв пат слушнал од медиумите.
„Кога имате отворена постапка во која што може да ви конкурираат било која компанија и единствен критериум ви е сто посто цена, тоа што министерството го прави е ги рангира, едноставно ги пишува на табела кои се понудените цени и таа што е најевтина таа се предлага на министерот да ја избере како компанија доколку ги исполнува условите. Знам дека е тешко за верување, но верувајте, јас од медиумите дознав дека фирмата е донатор. Не бев среќен кога ми го донесоа извештајот за рангирање бидејќи ги очекував овие реакции.“, рече Османи.
Од ВМРО-ДПМНЕ и денеска обвинуваат за овој тендер и велат дека фирмите блиски до ДУИ секогаш добиваат привилегиран третман на пазарот благодарение на нивните политички и роднински врски.
„Вредноста на политичко-корпоративните врски во ДУИ за тендерот кој Бујар Османи како МНР го доделува на Еуровиа ДООЕЛ чиј сопственик е Елмедин Адеми, иначе внук на поранешен функционер на ДУИ, за адаптација на спортскиот центар Борис Трајковски чини 1,8 милиони евра. Покрај фактот што фирмата е во сопственост на внук на поранешен функционер на ДУИ, покрај фактот што истата оваа фирма има добиено и многу други државни тендери, особено важен е фактот што токму ЕУРОВИА ДООЕЛ се јавува како најголем донатор на ДУИ“, изјави Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Фирмата Еуровиа од Желино го доби тендерот за преадаптација на спортскиот центар „Борис Трајковски“ за претстојната конференција на министерскиот самит на ОБСЕ. Еуровиа инаку е во сопственост на Ељмедин Адеми внук на поранешниот министер од ДУИ Абдулаќим Адеми. Ељмедин Адеми лично, но и неговата фирма заедно донирале околу 70 илјади евра на ДУИ.
