Со минута молк и пораки за правда денеска во Скопје започна традиционалниот Осмомартовски марш, организиран од повеќе граѓански иницијативи и здруженија. Маршот почна напладне од паркот „Жена борец“, од каде учесниците се упатија кон Градскиот парк и бистата на Вера Јоциќ.
Годинашниот марш се одржува под слоганот „Нема да нè снема“, со кој, според организаторите, се испраќа порака за истрајност во борбата на жените во општество и систем што често не обезбедуваат доволна заштита од насилство и дискриминација.
Учесниците порачаа дека симболичните честитки за 8 Март не се доволни без конкретни политики и мерки за справување со родово базираното насилство, економската нееднаквост и системската дискриминација.
Маршот се организира по повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март, кој ја симболизира долгогодишната борба за еднаквост, солидарност и достоинствен живот на жените.
