Откако Основниот граѓански суд-Скопје даде зелено светло за основање на нова салафистичка заедница под име „Дар ел Хадис“, Џемаљ Јакупи е прогласен за челник на оваа заедница. Тој вели дека не сакаат никому да наштетат, но дека исто така не сакаат некој да го оспорува нивното право.
-Имаме верувања засновани на Куранот и сунетот, и истите сакаме да ги искажеме. Не сакаме никому да наштетиме, но не сакаме некој да го оспори нашето право на изразување. Затоа, им се обраќам на луѓето транспарентно и на луѓето кои ќе нѐ прифатат, дека ние немаме за цел да постигнеме одредена бројка, ниту пак се стремиме кон финансиски, политички или интереси од друга природа.-вели Јакупи.
Но, со жестока реакција излезе и Исламската верска заедница, од каде ја оспорија одлуката на судот, велејќи дека е тенденциозна и дека со неа се крши правната пракса.
-Чекорот на судијката Дончевска го сметаме за тенденциозен со кој таа го прекрши не само Законот за правната положба на црква, исламска заедница и религиозна група, туку ја прекрши и правната пракса – за основање на секоја нова верска заедница да се побара мислење од 5 верско-уставни заедници-рече Евзал Синани, шеф на кабинетот на поглаварот на ИВЗ.
На ова тема, се произнесе и премиерот Зоран Заев. Тој рече дека регистрирањето на ваквата заедница во Северна Македонија претставува проблем за безбедноста на државата.
Синани, рече дека ИВЗ е против одлуката, додавајќи дека ги преземале сите потребни правни чекори. Открива дека веќе поднеле и жалба до Апелациониот суд за укинување на одлуката за регистрација на оваа верска установа. Но, поглаварот на салафистичката заедница, Јакупи, изјави дека станува збор за постигнување и реализирање на нивното право за слободно изразување на верата и нејзино практикување без надворешни влијанија. Додава дека не е донесена нова вера и дека не се работи за нешто непознато.
