„Седи дома, почитувај растојание и носи маска“ се апелите од властите за борба против коронавирусот. Истите се спроведуваат и во другите држави, но вчера не беа почитувани во Струга. Без маски и без држење растојание, стотици православни верници учествуваа на традиционалнатра литија.
Организатор беше манастирот „Св.ети Јован Бигорски“. Известувањето било дека церемонијата ќе се одржи без верници.
“Поради вонредната состојба со пандемијата на коронавирусот, и во согласност со превентивните мерки на државните и здравствените власти, овој пат Литијата ќе биде составена само од дел од локалното свештенство и монаштво, без присуство на верниот народ. Учесниците ќе се придржуваат кон потребните мерки, а локалното население ќе може да ја проследи само од тротоарите на улиците каде што таа ќе минува, држејќи го препорачаното растојание”, велат од манастирот „Св. Јован Бигорски“.
На терен остојбата беше сосема поинаква. Стотици верници во колоната, еден до друг, без маски и без држење растојаните.
Веднаш се огласи Министерот за здравство, кој порача дека ова што се случи во Струга е практично непочитување на здравствените власти и сите оние кои деноноќно се борат против коронавирусот.
“Од почетокот постојано повторувам дека без поддршка од граѓаните, здравствените работници не можат да направат ништо. Буквално ништо. Ако сакаме да го задржиме овој позитивен тренд мора ги почитуваме мерките без исклучок. Исто така, барам да се спроведе истрага како се дозволило да се случи ваков вид на собир кој е строго забранет”, истакна Венко Филипче.
Реагираше и вицепремиерот Бујар Османи. Тој вети дека ќе има одговорност.
“Во градот каде што смртноста од вирусот е 20% од бројот на заразени, ова е највисоко ниво на неодговорност. Сега ниту една мерка нема смисла. Ќе има одговорност!”, вели Бујар Османи.
Дали се почитуваат мерките или не, зависи од МВР. Министерот Наќе Чулев на телевизија Алфа рече дека ќе има истрага дали има пропусти од страна на полициските службеници и наброи и други случаи кога имало собири во време на пандемија.
Ситуацијата се политизираше. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев побарал оставка од Чулев и има неколку прашања за него.
“Дали Наќе Чулев се консултираше со Мицкоски пред да одлучи да го загрозува здравјето на граѓаните? Дали Мицкоски го натера Чулев да организира настан среде пандемија без мерки на заштита? Дали Мицкоски му кажа на Чулев да не постапува при масовен собир во Струга?”, посочува Зоран Заев.
Од ВМРО-ДПМНЕмолчат, додека сите други политички партии го осудија чинот и побараа казна за прекршителите како во Сингелиќ и Гевгелија. Од МВР без детали, додека за случајот ќе постапува ЈО. Преземени се активности за идентификација на прекршителите.
“Во насока на утврдување на факти во предметот, струшкото обвинителство поднесе Барање до ОВР Струга за проверка на настанот и откривање на евентуални сторители на кривичното дело. При тоа, побарано е да се идентификуваат и повикаат организаторите на Литијата за да се утврди дали настанот бил уредно пријавен, кој требало да учествува, каква дозвола добиле и дали е постапувано согласно истата”, велат од Јавното обвинителство.
Ќе се истражува исто така дали овој манастир кој го организирал настанот водел сметка да не се собираат граѓани и доколку се случи такво нешто истото да биде редарски каде ќе се почитуваат владините мерки за спречување на Ковид-19. Материјалните докази ќе се обезбедат од снимките од сите објекти од каде што поминале свештениците, а настанот одел директно и на страната на Фејсбук на манастирот Свети Јован Бигорски.
