Оставки на Зеќири, Дурловски, Лукаревска – не се повеќе пратеници, стануваат директори

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Игор Дурловски и официјално не е повеќе пратеник. Нему како и на уште тројца други пратеници Собранието им ги констатираше оставките. Дурловски својата оставка ја најави минатата недела преку својот фејсбук профил каде напиша дека во парламентот не може да ги оствари своите политички цели  – пратеничката фотеља боде кога политичката прагма станува поважна од моралот, затоа го напуштам Собранието. Но, тој на седницата не се појави да ја образложи својата оставка, а и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ чиј носител на листата беше во 5 изборна единица не ја коментираа ваквата негова одлука.

„Ве известувам дека пратеникот Игор Дурловски даде оставка на функцијата пратеник во Собранието на Република Северна Македонија.  Известен сум дека пратеникот Игор Дурловски нема да ја образложи оставката на седницата на Собранието“, истакна Талат Џафери.

Покрај Дурловски, оставки поднесоа и уште двајца пратеници од СДСМ Мухамед Зекири и Сања Лукаревска како и Бајрам Реџепи пратеник на ДУИ кои заминуваат на други функции. Со оставките на Лукаревска, Зекири и Реџепи, власта го нема потребното мнозинство во Собранието, па затоа и Џафери побара Државната изборна комисија да го извести парламентот кои се следните пратеници од листите.

„Пратеник во Собранието за остатокот од мандатот станува Мирче Аџиоски од листата на кандидати за пратеници во изборната единица 5 на овластениот подносител ВМРО-ДПМНЕ и коалиција Обнова за Македонија. Рина Ајдари од листа на кандидати за пратеници за изборна единица 6 на подносителот ДУИ, Мирослав Јовановиќ од листата на кандидати од изборна единица 2 на овластениот подносител коалицијата Можеме и Лидија Тасевска од овластениот претставник коалицијата Можеме“, посочи Оливер Дерковски.

Инаку, Мухамед Зекири од СДСМ ќе биде новиот директор на Фондот за здравство, Сања Лукаревска која исто така поднесе оставка на пратеничката функцијата, продолжува да ја води УЈП. Оставка на пратеничката функција беше констатирана и на Бајрам Реџепи од ДУИ кој се најавува дека ќе ја преземе директорската фотелја во Национални енергетски ресурси.