-Врз основа на тоа што вие ги ставате во уста мајките кои што имаат деца и како вие знаете едно повеќечлено семејство колку треба да троши. Јас сум мајка на два сина и многу добро знам колку треба да троши едно четиричлено семејство, изјави Гордана Димитриевска Кочоска, министерка за финансии.
Оваа изјава на министерката Димитриевска Кочовска упатена до пратеничката Славјанка Петровска од СДСМ предизвика остри реакции во јавноста во која се осуди ваквиот начин на говор на министерката која упати навреди кон пратеничката. Со осуда излезе и претседателот на Собранието Африм Гаши кој вчера беше отсутен, а седницата ја водеше потпретседателката Весна Бендевска која пак воопшто не изреагира за да го корегира ваквиот говор на Кочовска.
-Ваквите настани како вчерашниот не се мили, не е добро за Собранието, тоа не зборува добро за нас. Кога се случуваат пратенички прашања треба да знаат министрите и Владата дека доаѓаат да одговараат на пратенички прашања и треба да знаеме да се почитуваме и Уставот, какви функции какви ингеренции има секоја институција, изјави Африм Гаши, претседател на Собрание.
Од пред Министерството за финансии се собраа членови на СДСМ и побараа оставка на Кочовска. Наместо човечки да се извинат тие одлучија да ја нападнат Славјанка уште повеќе, обвинувајќи ја дека глуми жртва, рече Јована Тренчевска.
-Кога министерка во оваа држава ќе се осуди да каже дека една жена не може да зборува за семејството само затоа што нема деца тогаш тоа не е само навреда, тоа е удар врз достоинството на сите нас. Тоа е ароганција, тоа е дискриминација, тоа е нечовечност. Затоа денес сме тука гласно и јасно да побараме Гордана Кочовска мора да си поднесе оставка, изјави Јована Тренчевска од СДСМ.
Министерката Кочовска вели дека воопшто немала намера да ја навреди Петровска која глуми жртва и триумфално најави инвестиции.
-Веќе изразив жалење за целиот контекст, но и самите сте свесни дека народот има поважни теми од лажната тема која ја создаваат за дефокус. Немам никогаш намера да навредам никого, напротив и таа сама го знае тоа, ама вака и чини сега да изиграва жртва. За мене темата како што кажав е затворена. Се фокусирам на мојата работа за која имам одговорност да ја работам и со задоволство објавувам рекордно ниво на инвестиции во Македонија, изјави Гордана Димитриевска Кочовска, министерка за финансии.
За навредата која Кочовска и ја упати на Петровска, реакции пристигнаа не само од политичари, туку и од аналитичари, професори, јавни личности и голем дел граѓани, а единствено зад Кочовска застанаа од ВМРО-ДПМНЕ.
