Кривичен суд ги прогласи виновни Трајко Вељановски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски како организатори на настаните од 27 април. За кривично дело „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, тие се осудени на вкупно 25 години затвор.
Трајко Вељановски осуден на 6 години и 6 месеци
Миле Јанакиески осуден на 6 години и 3 месеци
Спиро Ристовски осуден на 6 години и 3 месеци
Владимир Атанасовски осуден на 6 години
Судијата, Илија Трпков рече дека сите докази покажале дека лицата кои се обвинети се и организатори на настаните во Собрание. Според судот тогашниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски бил во постојана комуникација со екс премиерот кој е во бегство, Никола Груевски и намерно го одложил изборот на нов собраниски спикер, односно го попречил примопредавањето на власта.
Според судијата, Спиро Ристовски и Миле Јанакиески активно учествувале во организирањето на протестите кои во јавноста беа претставени како граѓански. Ангажирале познати јавни лица да се појават на протестот и да држат говор. Додека Владимир Атанасовски требало да ангажира патриотски здруженија и се погрижил да нема доволно полиција пред Собранието.
На сите обвинети им е изречена мерка домашен притвор иако обвинителството побара притвор поради постоење опасност од бегство надвор од земјава како последица на контактите што ги имаат и луѓе на високи позиции.
Обвинетиот Миле Јанакиески рече дека доволен е домашен притвор објаснувајќи ги секојдневните контроли што ги спроведува полицијата кај неговата зграда.
И Ристовски вети дека нема да избега и дека ќе ги почитува одлуките на судот.
Истрагата за овој случај го опфаќа и екс премиерот Никола Груевски и екс вработениот во УБК, Никола Бошковски, но постапката за нив е прекината бидејќи тие се во бегство и се недостапни за органите на прогонот.
