Осум активни пожари низ Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Состојбата со пожарите на отворен простор и натаму е сериозна на повеќе локации низ земјата. До 18 часот денеска се регистрирани вкупно 22 пожари, од кои осум остануваат активни, еден е ставен под контрола, а 13 се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи.

Најголем број активни жаришта се регистрирани во различни шумски и рурални подрачја, при што на дел од локациите огнот зафатил ниска и деградирана вегетација, но и шуми.

На територијата на општина Прилеп, кај селото Чаниште, пожарот се шири во два правци – кон селата Крушевица и Лопатица, како и кон Црна Река. Засегната е ниска вегетација.

Активен пожар има и во општина Крушево, во атарите на селата Белушино и Јакреново, каде што гори ниска вегетација и деградирана дабова шума.

Во општина Студеничани, меѓу селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, огнот зафатил мешана шума.

Пожар е регистриран и во скопската општина Бутел, кај селото Луботен, каде што гори ниска вегетација.

Во општина Македонски Брод, на местото „Видуш“, во близина на селата Драгов Дол и Локвица, огнот зафатил ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.

Сериозна е состојбата и во општина Кичево, каде што кај селото Тајмиште, на местото „Дарда“, гори високостеблеста букова шума.

Во општина Липково, кај селото Никуштак, пожарот зафатил ниска вегетација и шума.

Осмиот активен пожар е регистриран во општина Гостивар, во селото Церово, каде што гори нискостеблеста дабова шума.

Единствениот пожар кој до 18 часот бил ставен под контрола е во селото Мојно, општина Могила, каде што била зафатена ниска вегетација.

Од ЦУК информираат дека останатите 13 пожари се изгаснати. Интервенции имало во повеќе делови од земјата, меѓу кои Радовиш, Струмица, Новаци, Гостивар, Брвеница, Неготино, Велес, Струга, Дебар, Куманово и Студеничани, а два пожара биле регистрирани на територијата на општина Кичево.

Надлежните служби продолжуваат да ја следат состојбата на активните жаришта и да интервенираат според развојот на ситуацијата.