Секој бегалец носи со себе своја животна приказна. Во нејзиниот дом од 2013-та до денес непрекинато биле гости илјадници бегалци. За број не сака да зборува, бидејќи како што вели тоа се животи, а не бројки. Ленче Здравкин – хуманитарка, со себе носи илјадници животни приказни на лица кои не по своја волја биле принудени да ги напуштат своите домови и своите блиски и во рацете на неизвесноста да тргнат во непознати земји.
„За сите овие години покрај тажни момнети имаше и убави моменти. Не можете да ги заборавите или да ги извадите од своите души кога се случуваа големи сообраќани незгоди, момчиња гинеа на железничките пруги, кога требаше да се погребаат, кога требаше да се известат нивните фамилии. Кога требаше после неколку години да се пречекаат нивните фамилии и да се однесат на гробот на нивните деца“, посочи Ленче Здравкин.
Тоа се моменти кои се врежуваат во срцето и не можете така лесно да ги избришете објаснува Ленче и додава дека наспроти сето тоа имало и убави мигови кога се раѓале нови животи, а токму таа била тука да им пружи рака при доаѓањето на свет. И покрај таа мала помош која им ја пружила како што вели, научила многу од нив за нивниот менталитет, култура, традиција:
„Ако имаат браќа, сестри помали, не смеат да одат на училиште, слободно можат да им дојдат дома и ако имаат помали сестри да им ги земат и да ги омажат за кој тие сакаат, а не за кој сака семејството. Овие момци што доаѓаат се образовани сакаат да го сменат времето, текот на нештата, нивните жени да работат, да се образуваат“, истакна Ленче Здравкин.
Ленче вели дека неоправдана ксенофобијата што се владее во нашата земја.
„Да не се создава таа ксенофобија, кај нас постојано се движат луѓе од Авганистан до сега ништо не се случило, тие се луѓе како и сите нас. Јавноста е доста вознемирена овие денови нема потреба. Според информациите од медиумите и Владата ќе примиме бегалци, но на краток период“, вели Здравкин.
Ленче вели дека и откако ќе си заминат од нејзиниот дом, бегалците не забораваат да и честитаат роденден, празници, да и се јават кога ќе стигнат од планираната дестинација. Не случајно, Ленче е добитничка и на наградата Мајка Тереза.
