Освен рап музика, класична и патриотска – АА на Зијадин Села му се приклучи на Европскиот фронт

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пред да започнат, на симпатизерите им пуштија музика од Ноизи. Рап музика со стихови “Оди дома сега, земи го куферот“.

Потоа беше интонирана химната на ЕУ, композиција на Бетовен.

Потоа на сцената се качи Шкурте Фејза со патриотски песни.

Во ваква атмосфера лидерот на ДУИ, Али Ахмети и лидерот на едното крило на АА, Зијадин Села потпишаа договор за коалиција во рамки на ЕФ.

Присутни беа и лидерите на другите политички партии потписнички на Фронтот.

Прв се обрати кандидатот за претседател, Бујар Османи кој рече дека обединувањето се прави за целите кои ги имаат но и за сонот за подобра иднина.

„Кога сме заедно за општото добро, погледнете околу вас, оваа сала преполна со луѓе е најсилниот доказ дека кога сме заедно нема цел што не можеме да ја постигнеме“, вели Бујар Османи.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, иницијатор на ЕФ, побара мандати за соочување со опасноста која доаѓа од Истокот.

„Денес е моментот, или денес или никогаш да бидеме заедно, или денес или никогаш да бидеме посилни бидејќи опасноста доаѓа од Исток, се вооружуваат до нуклеарни боеви глави, ни треба единство, ни треба акција и силно мислење да се биде пред сите други со силни мандати со мирољубиви политики да се каже да за Европа и силно не за Русија!“, вели Али Ахмети.

За опасноста од Истокот зборуваше и Зијадин Села, кој изјави дека заедно работат на спречување на оваа опасност и дека земјата што поскоро треба да стане дел од Западот.

„Ние стоиме зад емоцијата на победата, ние стоиме зад емоцијата да постигнеме нешто, дури и од егото, но емоцијата да се здружиме да ги зближиме Албанците на едно патување кое е наследство од предците, тоа е едногласно наследство за кои имаше страдање со илјадници маки во затворите, тоа е наследството на преродбениците кои ни го покажаа патот, дека нашиот пат е Европа и Западот“, порача Зијадин Села.

Со вклучувањето на АА на Села, Европскиот фронт брои 8 партии. Ахмети претходно има потпишано коалиции и со претседателот на ДПА, Народното движење, ЕДП, Сојузот на Ромите и двете турски партии, со кои на мајските избори ќе излезат со заеднички листи, додека сите ќе ја поддржат кандидатурата на Бујар Османи за претседател.