Дали на избирачките листи на политичките партии има нови имиња или продолжуваат да се тркаат со истите луѓе? Бујаре Абази од Алијанса за Албанците, синоќа во „Клук Плус“, ја обвини ДУИ дека и на овие избори не ја „освежила“ листата и дека кандидирала луѓе кои веќе подолго време се присутни на политичките сцена.
-Рекоа – ја реформиравме партијата, а од друга страна зборуваме за Талат Џафери, за Изет Меџити, за Арбр Адеми, за Беким Незири, стари имиња чии последици од нивните политики ги плаќаме ние денеска. И што се случува? Ова на некој начин ви ја убива интелигенцијата, бидејќи не можете да кажете дека сте реформатори, а овие луѓе ви се носители на листи-рече Абази.
Со контра-одговор Арта Биљали од ДУИ, која упати остри критики на адреса на Алијанса.
-Носителите на вашите листи или вашиот лидер, дали пред 2016-тата беа во политика, бидејќи вие претендирате дека имате многу нови фигури. Кажи ми кои се носителите за да видиме дали тие претходно биле во ДПА, ДР-ДПА, ПДП. Дали сте сигурни дека вашите носители на листи се целосно нови имиња?-праша Биљали.
Мелинда Рашиди од Беса ги обвини Алијанса и ДУИ, за како што рече, штетата која им е нанесена на Албанците.
-Штетата е нанесена од страна на претходните власти, Алијанса беше 2, а ДУИ 18 години на власт. Не можете да кажете дека вие како Алијанса сте чиста опозиција-рече Рашиди.
-Од моја гледна точка вие се исплашивте дека десетиците, илјадниците гласови што ги доби Зоран Заев од Албанците во 2016-тата, да не ги изгуби случајно, па затоа вие им направивте голема услуга-рече Биљали.
Но, дали навистина има реформи во кандидатските листи на политичките партии, ќе проценат граѓаните на 12 април, кога ќе се гласа за нова Влада.
