Археолошко откритие во близина на Драчево потврди податоци стари речиси 90 години за постоење мозаик на локалитетот Пеленица. Истражувањата открија полихромен мозаичен под од доцноантичкиот период, како и керамички материјал и монета, со што се отвораат нови можности за проучување и заштита на ова археолошко наоѓалиште.
На локалитетот денеска увид во ископувањата извршија градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, директорката на Националниот археолошки музеј, Магдалена Манаскова, и пратеничката и етномузиколог Велика Стојкова Серафимовска.
Археолошките истражувања ги спроведува Националниот археолошки музеј, а започнаа на 28 октомври 2026 година. Нивната цел беше да се проверат историските податоци за постоење мозаичен под во кружна просторија, забележани пред околу девет децении.
Досегашните ископувања ги потврдија старите записи. Откриен е полихромен мозаик изработен во техниката opus tessellatum, како и керамички материјал и монета кои потекнуваат од доцноантичкиот период. Мозаикот засега е откриен во периферниот дел од истражуваната површина, а дополнителните истражувања треба да дадат попрецизни сознанија за неговата големина, зачуваност и архитектонскиот контекст.
Проектот е целосно финансиски поддржан од Општина Кисела Вода, со поддршка од црквата „Св. Спас“ во Драчево и во соработка со Конзерваторскиот центар – Скопје.
Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска истакна дека откривањето на мозаикот претставува потврда за историскиот потенцијал на општината и важен чекор кон создавање културно-историска и археолошка карта на Кисела Вода.
Таа најави дека пронајдоците и собраните податоци ќе бидат дигитализирани и достапни за граѓаните, со цел да се поттикне развојот на културниот туризам и општината да се позиционира како значајна културна дестинација.
Директорката на Националниот археолошки музеј, Магдалена Манаскова, посочи дека откритието е материјална потврда на сознанијата забележани пред речиси 90 години. Таа ја истакна и важноста од финансиската поддршка на локалната самоуправа, оценувајќи дека вложувањето во археолошки истражувања е инвестиција во заштитата и вреднувањето на културното наследство.
По завршувањето на ископувањата, планирани се геофизички истражувања во дворот на манастирскиот комплекс, со кои ќе се проверува дали на локацијата има и други, досега неоткриени архитектонски остатоци.
Од наредната година се планира и почеток на конзерваторски зафати што ќе ги спроведува Конзерваторскиот центар – Скопје, со цел заштита и зачувување на откриените археолошки остатоци.
Раководител на истражувањата е м-р Радомир Ивановиќ, виш кустос во Националниот археолошки музеј, а во стручниот тим учествуваат археолози и експерти од повеќе научни и културни институции.
