Отварање на Уставот е сензитивно прашање, Пендаровски: За избори решаваат пратениците, Хоџа уверува-ќе ги има

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иницијативата за намалување на бројот на пратеници од 120 на 90 според претседателот Стево Пендаровски е добра бидејќи на тој начин ќе се намалат трошоците во Собранието, но според него од политички аспект е проблематично отворањето на Уставот за да се реализира тоа. Тој треба да се отвора кога навистина има потреба за тоа, вели Пендаровски.

„Мој став е дека Уставот ние во изминативе години пречесто го отворавме. Уставот не треба пречесто да се отвора. Уставот е, практично на инсистирање на Софија, е веќе сега на дневен ред кога би се менувал ако ние, не некој од страна да ни наметне, ако ние решиме да ги вметнеме и Бугарите во Уставот. Така што сензитивно е прашањето, прашање дали сега ни треба било какво отворање на Уставот. Ако ме прашате мене – не ни треба. Сега на Република Северна Македонија не и треба преотворање на највисокиот правен акт. А понатаму, меѓутоа, само со апсолутен консензус на сите политички фактори во Собранието би требало да го направиме тоа“, рече Пендаровски.

За инсистирањето на опозицијата за одржување предвремени избори Пендаровски вели дека не е негово да коментира, но истакна дека премногу често имаме избори.

„Сите ние што живееме тука заслужуваме една година и да немаме избори. Знаете од 2015 имаме постојано некакви избори вклучително и референдумот кој е еден вид на избор 2018-тата. Меѓутоа тоа е апсолутно автономно право на политичките субјекти во Собранието бидејќи постои само еден начин да предизвикате предвремени избори 61 рака, односно 61 пратеник да притиснат копче и да го распуштат Собранието, вели Пендаровски.


Но генералниот секретар на Беса Аријанит Хоџа во вчерашниот магазин на ТВ21 Клик плус уверува дека избори сепак ќе има.

„Овој фронт што го правиме внатре во Беса, и што нормално после Конгресот на Алијанса ќе и дадеме шанса да креираме еден заеднички опозициски фронт, бидејќи е едно прашање која има политички континуитет, убедени сме дека ќе провоцираме ситуации кои ќе бидат нестабилни за актуелната власт и кои ќе импонираат враќање на довербата кај граѓаните и задолжително одење на избори“, рече Хоџа.

За одржување предвремени парламентарни избори веќе подолг период инсистираат и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но од владејачката СДСМ не прифаќаат и велат дека избори ќе има редови во 2024 година.