Отворен бугарскиот културно-информативен центар – Костадинов и во Скопје со провокации: Македонија е бугарска држава

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Отворањето на новите простории на бугарскиот културно-информативен центар се одвиваше со засилено полициско обезбедување и помина без инциденти. На самиот настан покрај македонски и бугарски претставници присуствуваше и евроамбасадорот Дејвид Гир. Министерката за култура Бисера Костадинова Стојчевска рече дека отворањето вакви центри имаат за цел да ги унапредуваат добрососедските односи. Запрашана како ги оценува провокациите на бугарскиот пратеник Костадин Костадинов кој вели дека Македонија е втора бугарска држава, министерката Стојчевска рече дека секој сам треба да одговора за своите изјави.

„Целта на овие културно-информативни центри кои што ние како држава ги имаме надвор од границите на Република Северна Македонија е токму тоа, ширење и промоција на нашата култура и зближување со другите народи кое што претставува една европска вредност кон која што ние се стремиме. Секој политичар треба да сноси одговорност за она што го изјавува. Таквите изјави се најмалку европски и таквите изјави воопшто не одат во прилог на еден ваков убав настан како што е овој денес“, вели Бисера Костадинова-Стојчевска.

Бугарскиот министер за култура Велислав Минеков во својата куса изјава рече дека отворањето на културниот центар ќе придонесе за зближување на двата народи. Минеков одбегна да одговори дали отворањето на клубови ВанчоМихајлов и Цар Борис имаат за цел зближување на народите.

„Тоа е уште еден мост, уште едно зближување, сепак сме братски народи и денес сум среќен. Вие ќе го определите тоа, но денес сум многу среќен од тоа што се случи“, вели Велислав Минеков.

Сепак дамка на настанот фрли присуството на бугарскиот пратеник Костадин Костадинов од партијата Преродба, кој постојано провоцира со изјавите дека Македонија е втора бугарска држава и дека не постои македонски јазик. И денеска од центарот на Скопје, пред просториите на бугарскиот културен центар повторно со истите провокации.

„Нема разлика меѓу Македонци и Бугари. Нема разлика. Секој еден Бугарин во Бугарија ја сака Македонија. Ние немаме ништо против Македонија, напротив, разберете, тоа е нашата цел и тоа е нашето гледање.  Не не терајте ние да ја искривуваме вистината и да лажеме. Нема да лажеме. Јас ќе ви кажам уште еднаш – да, Бугарија и Македонија се две држави кои што треба да бидат една. Две држави се со еден народ, кој треба да биде од Црно Море до Охридското Езеро“, порача Костадин Костадинов.

На денешното пуштање во употреба на просториите на бугарскиот културно-информативен центар беше отворена изложба на слики на македонски и бугарски автори.