Отворен тендер за тетовскиот стадион – Касами ветува дека ќе биде готов за 3 години, ќе чини 10 милиони евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами соопшти дека општината отворила тендер за градскиот стадион во вредност од 10 милиони евра. Според него, овој стадион ќе ги исполнува сите потребни услови.

„Општина Тетово преку ЈП “Тетово Транспорт“ го објави најважниот тендер до сега за Тетово кој се однесува на изградба и реконструкција на спортски објекти, почнувајќи од главниот градски стадион. Предмет на договорот на јавната набавка има предвидена вредност од 600.000.000 денари без ДДВ, или околу 10 милиони евра. Овој проект е конкретен пример за нашата посветеност за развој на спортската инфраструктура и создавање соодветен амбиент за рекреација на нашите граѓани“, вели Биљал Касами.

На прашањето дали ќе се реновира сегашниот стадион или ќе се гради нов, Касами рече дека ќе се реновира но дека може и да се гради нов стадион.

„Предвидена е и можноста за нов стадион но станува збор за реконструкција, бидејќи не станува збор за нов објект, туку реално заедно со компаниите кои ќе конкурираат може да се договориме да се изгради целосно нов стадион“.

Врз основа на официјалните податоци, стадионот во Тетово е изграден во 1980, има капацитет за 15 илјади публика, а Касами вели дека стадионот има капацитет за 10 илјади и дека нема да се намали капацитетот иако во тендерот пишува дека ќе има 9517 седишта.

„Јас немам информации дека има 15 илјади седишта, за стоење можеби да, но со седишта е околу 10 илјади и нема да се намали видно капацитетот на стадионот, ќе има само намалување во правец на зголемување на квалитетот кој ќе им се нуди на навивачите во текот на натпреварите како и стандардите кои ќе ги понуди врз основа на УЕФА за стадион од четврта категорија“, додаде Биљал Касами.

Тендерот ќе биде отворен до 22 декември, додека според Касами рокот за изградба ќе биде 36 месеци. Според него, стадионот ќе му припаѓа на градот а потоа ќе се види дали ќе се даде под концесија или не.