Ова се најдобрите и најлошите аеродроми во Европа, како се рангирани аеродромите од регионот?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Норвешкиот аеродром Бодо е прогласен за најдобар аеродром во Европа според најновото рангирање на компанијата за компензација на патници при летови AirHelp. Во глобалната листа, аеродромот се најде на деветтото место, благодарение на високата точност на летовите и добрите оценки од патниците.

Истражувањето ги анализираше 279 аеродроми од 76 држави, при што оценувањето се базираше на три главни критериуми: навременост на летовите, искуство на патниците и квалитет на услугите и удобноста. Најголема тежина во конечната оценка има точноста на летовите, која учествува со 60 проценти.

Покрај Бодо, меѓу десетте најдобри аеродроми во Европа се најдоа и Billund Airport во Данска, како и Bilbao Airport во Шпанија. Во европскиот врв се вбројуваат и Bergen Flesland Airport во Норвешка и Istanbul Airport во Турција.

На другата страна од листата се најдоа аеродромите со најслаби оценки. Најлошо рангиран во Европа е Lisbon Humberto Delgado Airport, кој се најде на 274. место од вкупно 279 анализирани аеродроми. Ниски оценки добија и Rhodes Diagoras Airport, Manchester Airport, Heraklion International Airport и Nice Côte d’Azur Airport.

Од нашето соседство, рангирани се Pristina International Airport на 97. место, Sofia Airport на 151. место, Thessaloniki Airport на 182. место, Belgrade Nikola Tesla Airport на 235. место, Zagreb Airport на 242. место и Tirana International Airport на 257. место. Аеродромот во Скопје не е опфатен со оваа ранг-листа.

Патниците кои учествувале во анкетата ги оценувале аеродромите според работата на персоналот, времето на чекање, пристапноста, чистотата, информативната сигнализација, како и понудата на ресторани и продавници. Резултатите даваат јасна слика за тоа кои европски аеродроми нудат најдобро патничко искуство, а кои имаат потреба од значителни подобрувања.