Сточарите на протест пред Влада – бараат да се вакцинираат овците од сипаници, МЗШВ чека донација

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Загрижувачка е состојбата со заболувањето сипаници кај овците од што досега се угинати меѓу 7 и  10 илјади овци, а се уништени 40 до 50 стада. Овчарите кои денеска пред Владата застанаа на протест бараат од надлежните навреме да се обезбедат потребните вакцини, а на оние кои претрпеле штети од оваа болест да бидат обештетени. Велат дека постојано стравуваат за нивните стада овци, бидејќи како што истакнуваат постојано се појавуваат нови жаришта на заболени овци, со што ширењето на оваа болест може да прогресира.

„Досега имаме над 50 жаришта, имаме околу 40-50 уништени стада и околу 40 семејства останаа без леб, на улица останаа немаат со што да се занимаваат. Тука позади мене се и еден дел што имаат уништени стада и бараме за што побрзо да им се наплати односно да ги обештетат тие луѓе“, порача Насер Џемаили.

Токму начинот на обештетувањето што се врши досега е незадоволително велат тие, бидејќи, како што порачаа, 100 денари за килограм е далеку под реалната вредност на овците. Милена Величковиќ од Сојузот на одгледувачи на овци од Куманово вели дека досега самите се обидуваат да ги зачуваат овците, но државата мора да најде начин да го заштити домашното овчарство. Беше упатен и апел до Владата да се преземат посериозни мерки за зачувување на сточниот фонд во земјава со што и извозот на јагнешкото месо ќе биде поголем.

„Мислам дека повеќе од еден месец се преговара во однос на вакцинацијата, аргументи против вакцинација реално не слушнавме ниту еден за тоа зошто да не ги вакцинираме. Единствениот аргумент да не ја спроведеме таа вакцинација, е дека се борат со справување со болеста и од причина што можеби Европската унија ќе ни даде забрана за извоз“, вели Милена Величковиќ.

Од Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство велат дека во координација со Агенцијата за храна и ветеринарство континуирано ја следат епидемиолошката состојба, но истовремено забрануваат овчарите сами да ги вакцинираат своите стада, бидејќи како што велат тоа може да го отежни епидемиолошкото следење и да создаде дополнителен ризик за стадата.

„Министерството и АХВ ги предупредуваат сточарите дека самостојното набавување и применување вакцина на сопствено трошок и без претходно одобрение од Агенцијата ќе биде санкционирано согласно важечките прописи. Во таков случај, сопственикот нема да има право на компензација за заболените животни, ниту на обесштетување за животните одземени заради сузбивање и искоренување на болеста. Вакцинирањето може да го вршат единствено овластени ветеринарни служби по непосреден надзор на АХВ“, велат од Министерство за земјоделство.

Од министерството, воедно додаваат дека од Република Турција се обезбедени 500.000 дози вакцина како донација, кои се очекува да пристигнат деновиве, а до Европската комисија е доставено барање за дополнителни количества. Пред примената, вакцините задолжително ќе бидат лабораториски испитани за безбедност и чистота, а вакцинирањето ќе започне по потврдувањето на резултатите, според официјален план и под контрола на АХВ.