Падна и последната надеж за преговори, Радев: Не можеме да кажеме „да“ без да бидеме сигурни дека не се краде бугарската историја

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Падна и последната надеж дека Северна Македонија овој пат може да ги започне пристапните преговори со ЕУ. Пред да почне средбата на лидерите на земјите членки во Советот на ЕУ, бугарскиот претседател, Румен Радев, јасно кажа дека нема да каже “да“.

„Не можеме да кажеме „да“ пред да видиме одржливи механизми за искоренување на искривениот наратив и намерниот однос кон Бугарија – од учебниците, музеите, спомениците, до медиумите и државната политика. Не можеме да кажеме „да“ сè додека не се увериме дека нашата сосетка нема да го гради својот идентитет врз кражбата на бугарската историја“, истакна Радев.

Премиерот Зоран Заев, пред Собранието денеска го повтори ставот дека не мисли да преговара за македонскиот јазик и идентитет и дека тоа го кажал и пред европските лидери.

Бугарскиот претседател од Брисел Македонците ги нарече браќа, а увери дека Бугарија останува отворена за чести билатерални разговори. Брзиот исчекор на Скопје кон Брусел, според него, зависи само од дијалогот со Софија. Се жалеше дека во последно време имало голем притисок врз Бугарија.

„Последните месец и половина, Бугарија беше под неверојатен притисок од европските партнери на денешниот Европски совет да ги започне преговорите за членство за Северна Македонија“, додаде Радев.

По оваа последна блокада од Софија, која покрај Северна Македонија ја спречува и Албанија да ги започне преговорите, сега двете земји кои се во заедничкиот пакет за евро – интеграции мора да го чекаат следниот самит за евентуално решение, доколку Скопје и Софија најдат заеднички јазик. Премиерот на земјата Заев и неговиот албански хомолог, Еди Рама, вчера од Скопје испратија силни пораки до Европската унија, бидејќи 26 земји не успеаја да ја спречат блокадата на Бугарија.