На планината Водно од денеска е пуштен во употреба нов моторички парк, наменет за рекреација, вежбање и развивање на здрави навики кај сите генерации. Интересно за овој нов простор е што е целосно изграден од стеблата на паднатите дрвја по силното невреме што неодамна го зафати Скопје.
Ова соопшти градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој истакна дека наместо паднатите стебла да завршат како отпад, тие се искористени за создавање нова вредност за граѓаните.
„Нашата обврска не е само да ја санираме направената штета, туку од секој предизвик да создадеме нешто корисно, трајно и вредно за граѓаните. Наместо отпад и уништени стебла, создадовме внимателно уреден простор со природни препреки и реквизити за развивање на рамнотежата, координацијата, агилноста и физичката подготвеност“, истакна Ѓорѓиевски.
Новиот парк е дизајниран така што децата преку игра ќе можат да ги развиваат своите моторички способности, додека младите и возрасните ќе имаат соодветни услови за вежбање и рекреација во природа. Градоначалникот најави дека вакви моторички паркови во следниот период ќе добијат и Парк-шумата Гази Баба, како и Сарај.
Голема акција за пошумување во септември
Покрај изградбата на паркот, на местата каде што беа отстранети паднатите дрвја веќе се засадуваат нови садници. Дополнително, за втората половина на септември е најавена голема есенска акција за пошумување на целата територија на Скопје.
Истовремено, во тек се и низа други активности за уредување на Водно – реконструиран е патот до Средно Водно, се обновува урбаната опрема и се уредуваат пешачките и велосипедските патеки кои со години беа запуштени.
За поголема безбедност на сите посетители и планинари, на Водно и на Матка веќе активно функционира Планинската спасителна служба, подготвена за брзи и професионални интервенции во сите услови.
„Водно е срцето и зелените бели дробови на Скопје. Го чуваме, го обновуваме и го развиваме паметно, одговорно и со љубов, чекор по чекор создавајќи простор каков што скопјани заслужуваат“, порача Ѓорѓиевски.
