Кратко траеше коректниот и позитивен однос меѓу претседателските кандидати на ДУИ Бујар Османи и на ВРЕДИ Арбен Таравари. Откако доцна вчера беше запален билбордот на Таравари лоциран на улицата во близина на Зоолошката градина тој утрово се огласи со реакција во која директно ја посочи ДУИ дека е вмешана во овој случај и дека на овој начин примена сила и врши заплашување. Но ваквите обвинувања ги отфрли токму Османи, кој притоа го обвини Таравари дека води црна кампања.
„Не, апсолутно не, отфрлувам било какво вмешување на ДУИ. Ако некој води позитивна кампања, ако некој води конструктивна кампања тоа сме ние. Јас осудувам такви чинови. Ги повикувам и од опозицијата да прекине со црната кампања. Да прекине со црната кампања затоа што не им служи, не им помага. Никој во историјата на плурализмот политички, не добил избори само за тоа што било против некој друг. Мора да имате ваша понуда, уште не слушнавме која е понудата. Единствено секој ден ДУИ, ДУИ, ДУИ…“, рече Османи.
Таравари денеска со посмирени тонови, рече дека очекува институциите да го решат случајот.
„Се надевам дека институциите на системот ќе докажат и ќе покажат точно што се случило. Знам само едно нешто, дека јас никогаш не би го направил тоа на ниеден мој противкандидат. Така што да се надеваме дека не е ништо намерно и смислено“, изјави Таравари.
Случајот со палењето на билбордот синоќа бил пријавен во МВР од коалицијата ВРЕДИ кои побараа виновниците да бидат казнети. Од МВР одговорија дека преземаат мерки за расчистување на случајот.
„На 07.04.2024 во 01.15 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосница од бул.„Илинден“ со ул.„Рузвелтова“ бил опожарен билборд на еден од кандидатите за претседател на Република Северна Македонија. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.“, велат од МВР.
Инаку и двајцата претседателски кандидати и Османи и Таравари и денеска продолжуваат со кампањата во трката за претседателските избори.
