Македонија направи сè што Европската Унија побара од неа за да напредува кон членството, додека блокадата од Бугарија создава лош преседан за целиот регион. Ова го оценува поранешниот специјален претставник на САД за Западен Балкан, Метју Палмер.
Во изјава за МТВ, Палмер истакна дека билатералните спорови не треба да го попречуваат процесот на пристапување и дека очекува поактивна улога од Брисел и од главните земји членки на ЕУ.
„Она што можам да го кажам е дека Македонија направи сè што Европската Унија побара од неа за да напредува кон членството. Сметам дека е исклучително жално што Бугарија е во позиција да го блокира овој процес за Скопје. Ова создава лош преседан за регионот“, изјави Палмер.
Според него, последиците од блокадата се чувствуваат и кај другите земји кандидати, кои го следат искуството на Македонија и се прашуваат со какви дополнителни услови би можеле да се соочат на патот кон ЕУ.
„Белград го следи искуството на Скопје и се прашува што би можеле да побараат Загреб или Букурешт во процесот на пристапување. Ова ги обесхрабрува земјите кандидати да ги спроведуваат неопходните реформи“, предупреди Палмер.
Тој изрази надеж дека Бугарија ќе покаже воздржаност, а ЕУ ќе инсистира билатералните прашања да не го оптоваруваат процесот на проширување.
Говорејќи за можната американска помош во надминувањето на спорот, Палмер потсети дека лично бил вклучен во претходните напори за отстранување на блокадата, кога бугарските барања почнаа да го попречуваат европскиот пат на Скопје.
„Направивме сè што можевме за да ја отстраниме блокадата. Ова не е едноставен процес, но верувам дека Софија на крајот ќе разбере дека во интерес на Бугарија е Македонија да биде нејзин европски партнер“, рече Палмер.
Тој очекува САД да продолжат да ги поддржуваат двете страни, но нагласи дека е потребен и поголем ангажман од европските институции и главните престолнини на ЕУ.
Според Палмер, земјите кандидати треба да се оценуваат врз основа на спроведените реформи, а не врз основа на историски и идентитетски прашања. Сепак, тој посочи дека ЕУ тешко може да наметне таков пристап во пракса без активна поддршка од влијателните земји членки.
„Затоа, главните земји членки треба да помогнат процесот да биде праведен, транспарентен и во интерес на сите вклучени страни. Тука мислам на Франција, Германија и Италија, кои треба да преземат проактивна улога и да го заштитат интегритетот на процесот“, истакна Палмер.
Тој оценува дека постојат неколку можни пристапи и простор за „креативна дипломатија“. Според него, таков ангажман се очекува од двете земји, Брисел, главните европски престолнини и Вашингтон.
