Американскиот пратеник за изборни реформи во БиХ, Метју Палмер, денеска во Сараево изјави дека ги претставува САД и дека кога се обраќа, зборува во име на политиката на таа земја.
– Јас ги претставувам Соединетите Американски Држави и кога зборувам – зборувам во име на американската политика. Анџелина Ејхорц (претставничка на ЕУ) и јас не сме тука за да се залагаме за план или проект. Сакаме да им помогнеме на политичките партии да постигнат договор, рече Палмер пред новинарите, коментирајќи оддеелни оценки дека тој и Ајхорц се пристрасни во преговорите за изборните реформи во БиХ.
Американскиот дипломат оцени дека во БиХ може да се постигне договор за изборна реформа и ограничена уставна реформа, со што ќе се подобри работата на институциите на БиХ и нејзиниот капацитет.
Тој додаде дека спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права и на Уставниот суд на БиХ, кога станува збор за изборниот процес, ќе и помогне на БиХ на нејзиниот пат напред.
По средбата со политичките лидери, Палмер истакна дека изборите во БиХ треба да ја вратат довербата кај граѓаните, чиј глас е важен.
Тој повтори дека САД го поддржуваат територијалниот интегритет и суверенитет на БиХ.
Денешната прва средба беше со претставници на граѓански организации, а се разговараше за интегритетот на изборниот процес и неговата важност.
Според него, исклучително е важно овој процес да успее во парламентот и изборите во БиХ да бидат фер, коректни и транспарентни, граѓаните да бидат безбедни и да им се врати довербата во изборниот процес.
– Ние сме тука да го поддржиме овој процес и да ја поддржиме БиХ, посочи Палмер.
Палмер и Ајхорц денеска најпрвин разговараа со претседателот на Централната изборна комисија (ЦИК), Жељко Бакалар, Вехид Шехиќ од коалицијата „Под лупа“ и директорката на Транспаренси Интернешнл во БиХ, Ивана Корајлиќ.
Бакалар и Шехиќ рекоа дека дипломатите предупредиле дека изборните реформи мора да завршат што е можно поскоро, за се да биде подготвено за општите избори во октомври следната година, додавајќи дека „се уште нема никаков документ на маса“.
