Европското фудбалско првенство почнува вечерва, а македонската фудбалска репрезентација својот историски меч, дебитански на едно вакво натпреварување, ќе го одигра во недела со почеток во 18 часот против Австрија.
Пред спектакуларниот старт на ЕУРО 2020 се јави и капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев.
Тој преку својот Инстаграм профил се обрати до целата нација.
„Дојде и тој ден кога почнува Европското првенство… Денот кој го сонував долго време низ мојата кариера… Македонија да игра на едно големо натпреварување… Можеби ова се последните мои натпревари за македонската репрезентација. Сакам како капитен да ви се обратам на целата нација“, посочува Пандев.
Тој додава дека оваа генерација е најсветото нешто на македонскиот фудбал.
„Ова е генерацијата што ја обедини целата Македонија. Горд сум на секој момент и секоја капка пот пролеана во светиот дрес. Сонот го испишавме, одиме да испишеме историја. Бидете со нас и навивајте за МАКЕДОНИЈА“, порача Пандев.
ФОТО: ФФМ
