Горан Пандев, капитенот на македонскиот национален тим и селекторот Игор Ангеловски денеска беа присутни на официјалната прес-конференција во Букурешт и на која ги искажаа своите очекувања од утрешниот меч и од Европското првенство воопшто.
„Нормално е во ваков момент на сите да ни проработат емоциите. И кај нас фудбалетите, и кај јавноста, и кај народот, воопшто во цела Македонија. Верувајте дека сме подготвени и ќе дадеме се од себе за да за повторно да ја израдуваме јавноста и македонскиот народ“ – вели капитенот Горан Пандев па додава:
„Беше одамна, но јас го прифатив предизвикот од селекторот Ангеловски пред шест години кога дојде во Џенова, и се договоривме за репрезентативен кам бек. Ми се чини дека тоа беше клучно за овие успеси. Тоа беше предизвик за мене, но сега имаме нов предизвик, колективен што се вели и верувајте дека сите сме подготвени да го прифатиме-вели Пандев.
Селекторот Игор Ангеловски истакна благодарност до капитенот Пандев за исполнувањето на сонот Македонија да игра на Европско првенство.
„Секако дека сме емотивни сите во моментов. Ете, јас лично ја користам и оваа прилика да му се заблагодарам на Горан Пандев и на овие момци што го направија овој успех, и што не доведоа во ситуација да сме дел од ЕУРО. Ова е голем успех со кој треба да се гордееме, но и кој може да биде надограден“ – вели Ангеловски.
