Жестока дебата меѓу поранешните пратеници Павле Богоевски и Александар Пандов во вчерашниот магазин на ТВ21 Клик плус, по вчерашната пресуда на екс премиерот и екс лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски за случајот Плацеви на Водно. Пандов во обид да го одбрани Груевски обвинува за политички прогон а дека 7-те станови на Груевски не биле на негово име.
„Она со кое што се обидува и натаму СДСМ да го прави, а тоа е тие процеси веќе не знам колку процеси се против Никола Груевски. Јас немам таква претстава, ниту таква слика за него дека, ниту пак за она претходно раководство дека тоа било така како што ова судско и обвинителска власт го прави. Мислам дека постојат некои станови за кои што никаде не пишува дека тие станови биле на Никола Груевски, во ред, осудени се сега тие луѓе“, вели Александар Пандов.
Од ваквите изјави на Пандов изненаден е Павле Богоевски, кој вели е изненаден и по се што направи Никола Груевски и натаму некој да го брани. Груевски всушност не помина лошо, вели Богоевски, тој си избега во Будимпешта а неговите соработници се влечат по судови.
„Не ми се верува дека ВМРО-ДПМНЕ се уште го брани човекот кој што од нивните членарини и нивните средства си направи финансиска империја и милионски имот. Никаде не пишува дека становите биле на Никола Груевски….да пишуваше немаше да имаше потреба со години да се докажува, господине Пандов, прва работа, втора работа што велите значи….“, вели Павле Богоевски.
Александар Пандов: „Ако не биле на негово име Павле, што тогаш….“
Павле Богоевски: Тука е криминалот, дека со проневерени пари стекнал имот кој што не бил легално негов меѓутоа тој фактички располагал. Тука е криминалот и тоа се докажа.
Петар Богојески од Македонски концепт смета дека Груевски треба да се врати за да се соочи со правдата.
„Единствено кое посакувам е како секој Македонец така Груевски да добие третман рамноправен пред правдата во Македонија, да се врати во Македонија и да одговара пред правдата, да ја докаже својата вина или невиност и да си одлежи доколку се утврди таа вина која веќе судовите ја утврдуваат“, вели Петар Богојески.
Во случајот Плацеви на Водно, Груевски беше првообвинет за перење пари и противправно стекнување и прикривање имот за кое вчера во Кривичен суд доби седумгодишна затворска казна.
