Присуството на јавниот обвинител Љубомир Јовески на собраниската комисија на која се разгледува работењето на Обвинителството, опозицијата го искористи да го искритикува шефот на Јавното обвинителство. Го обвини дека е под политичко влијание и директно го посочи како главен виновник за падот на довербата во обвинителството. Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ директно го прозва да одговори за голем број случаи, меѓу кои и праша што стои зад суспендирањето на поранешната шефица на организираниот криминал Вилма Рускоска.
„Вие направивте таков ршум во се што беше свето и во обвинителството и во судството и затоа една од причините за ваквиот слаб рејтинг јас би рекла дека сте токму вие. Во оваа игра на тронови би сакала да ве запрашам директно и отворено по чија нарачка вие почнавте да расчистувате со Вилма Рускоска“, вели Ели Панова.
На нападите Јовески одговори дека е горд на неговата работа, а ги отфрли обвинувањата дека зад суспендирањето на Рускоска стојат предмети поврзани со функционери на власта.
„Нема никаква борба помеѓу мене и Рускоска. Има борба за владеење на правото, за правичноста, за обезбедувањето на доказите за секој да си го знае своето место во рамките на Законот за кривична постапка. Јас сум горд, повторувам, горд на моето минато, на мојата професија, на она што сум го дал во професијата. Дали вие гледате поинаку на тоа или не гледате, тоа е ваше прашање“, вели Љубомир Јовески.
Според последното истражување на ИРИ, најмалку доверба граѓаните имаат во судството и јавното обвинителство а значително е пораснат процентот на граѓаните кои не се согласуваат дека во државата има владеење на правото. Имено само три проценти од испитаниците рекле дека веруваат во обвинителството, додека за судството се изјасниле четири проценти.
