Папата Франциск повика на нови меѓународни договори за намалување на должничкиот товар со кој се соочуваат земјите со ниски приходи и пренасочување на трошоците од оружје и воена опрема кон искоренување на глобалниот глад.
Во пораката пред Светата 2025 година на Римокатоличката црква, која започнува на 24 декември, Папата рече дека глобалните климатски промени, војните, нееднаквиот третман на мигрантите и други прашања „го загрозуваат опстанокот на човештвото како целина“.
Спорадичните чинови на филантропија не се доволни, рече тој. „Потребни се културни и структурни промени за да се случат трајни промени“, истакна Папата.
Католичките свети години, познати и како јубилеи, обично се случуваат на секои 25 години и се сметаат за време на мир и простување. Овој јубилеј ќе трае до 6 јануари 2026 година.
Повикот на Папата во пресрет на јубилејот беше дел од неговата годишна порака за Светскиот ден на мирот на Римокатоличката црква, кој се слави на 1 јануари.
