Пари само за општините со проекти, оние кои нема да достават документација ќе останат со празни каси

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На јавниот повик на кој што општините ќе предлагаат проекти за капитални инвестиции за да добијат средства од издвоените 250 милиони евра мандатарот Христијан Мицкоски очекува да добие конкретни идеи и планови за развој на општините. Но што со оние општини кои нема да достават проекти? Мандатарот Христијан Мицкоски вели дека за нив нема да им бидат префрлени средствата, бидејќи како што истакна нема намера да финансира дупки во општинските сметки.

„Не. Нема да бидат исплатени. Јас зборувам за проектен менаџмент, проекти што ќе одговорат на потребите на граѓаните. Лично ќе се потрудам да го мониторирам реализирањето на овој проект, реалоцирање на овие средства кон општините, така што пари за ликвидност нема да бидат префрлани туку ќе бидат префрлани на специјална сметка – Пари за проекти, ќе биде проектно финансирањето а проектите очекувам да бидат поврзани со реалните потреби на граѓаните“, рече Мицкоски.

Секоја општина нема да добие подеднакво пари бидејќи предлогот секоја локална единица што ќе предложи проекти да добие по 135 евра по глава на жител. Па така на пример:

Општина Аеродром со 72.009 жители ќе добие 9.721.215 евра
Општина Чаир со 64.773 жители ќе добие 8.744.355 евра или пак
Општина Куманово со 105.484 жители ќе добие 14.240.340 евра

Дел од градоначалниците веќе се подготвуваат во септември да излезат со проекти.

„Веќе имав и неколку средби а и во наредниот период ќе имам дополнителни средби со градоначалниците ширум Македонија каде што апелирам целата документација да биде спреман од нивна страна. Од прилика се знае која општина колку средства би добила спрема бројот на жители, верувам дека и колегите градоначалници во секој дел практично низ Македонија ќе бидат спремни и ќе одговорат на повикот се со цел да се реализираат што е можно повеќе проекти низ државата“, рече Орце Георгиевски, градоначалник на Општина Кисела Вода.

„Како општина Гази Баба сме спремни со проектна документација, ќе аплицираме за повеќе од 6 проекти кои што се од капитален карактер за граѓаните. Тука вклучува изградба на детски градинки, изградба на фекални канализации, изградба на нови патишта, на прочистителни станици и така натаму.“, изјави Бобан Стефковски.

Инаку овие 250 милиони евра наменети за општините се дел од милијарда евра кои идната Влада ги најавува дека ќе ги земе како задолжување од Унгарија, по, како што тврди многу поволни услови.