Парите од странство – со еден клик и помали трошоци, Бежоска: Очекувам членството во СЕПА да биде одобрено

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Парите од роднините во странство,ќе може да ги добиете за неколку секунди, а уплатите за летување во земји од ЕУ или пак трансакциите меѓу домашните фирми и странските партнери ќе бидат со еден клик, и се тоа ќе биде со пониски трошоци. Со членството во Единствената област за плаќање во евра или СЕПА, спорите и скапи трансакции, земјава е на пат да ги сведе на само неколку секунди, со помалку трошоци. Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска очекува членството во СЕПА да биде наскоро одобрено од Европскиот совет за плаќања.

-Со оглед на направените регулаторни измени и високиот степен на усогласеност на нашата регулатива со европската, во областа на банкарството, платежните услуги и спречувањето на перење на пари, очекувам дека нашето барање за членство ќе биде наскоро одобрено од Европскиот совет за плаќања, вели Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на Народна банка.

Членството во СЕПА е еден од приоритетите дефинирани во Планот за раст на земјите од Западен Балкан на ЕК бидејќи се очекува да овозможи пристап на банките од Западен Балкан до европските платежни системи, а со тоа и поефикасни, побрзи и поевтини прекугранични плаќања за граѓаните и компаниите.

-За граѓаните да ги почуствуваат придобивките од СЕПА, клучно ќе биде банките оперативно да се подготват и да се приклучат кон европскиот платежен систем, по одобрувањето на нашата апликација. Народната банка ќе обезбеди целосна регулаторна поддршка на банките во овој процес, изјави Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на Народна банка.

Идејата на самата иницијатива за СЕПА во суштина е да се поедностават и да поевтинат прекуграничните плаќања во Европа меѓу различни држави и пазари.

Во првиот круг, членство во СЕПА очекуваат Македонија, Албанија и Црна Гора. Трошоците по трансфер ќе бидат значително помали, од 2-3 евра по трансфер, со што вкупните заштеди, на ниво на цел Западен Балкан, се проценуваат на околу половина милијарда евра годишно.

Иницијативата за СЕПА е од 2008 година, а целосно е востановена во 2014-та. Дел од СЕПА се 36 земји, со над седум илјади банки и преку 500 милиони сметки.