„Паркинг и зеленило“ Гостивар четири месеци без плата – Општина Гостивар не може да ги исплати поради блокирана сметка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

20-тина вработени во Јавното претпријатие „Паркинг и зеленило“ во Гостивар излегоа на протест пред општината. Се жалат дека веќе четири месеци не земале плата. Велат дека имаат секојдневни трошоци и дека не можат да опстанат финансиски без месечните приходи.

„Протестираме поради неисплаќање на платите веќе четири месеци. Заглавени сме во долгови како јас, така и колегите. Јас лично имам долгови од 500 евра и не знам како ќе ги подмирам. Имаме колеги кои живеат во станови, ниту тие немаат приходи, се соочуваат со различни проблеми. Го замолуваме градоначалникот на општината да нѐ исплати“.

„Тука сме бидејќи ги бараме платите за 11 и 12 месец, за јануари и февруари. Не можеме да издржиме веќе. Тоа е сѐ“.

Јасин Демири од општина Гостивар вели дека жиро сметката на општината е блокирана и дека поради тоа не можат да ги пуштат платите. Ветува дека веднаш штом ќе биде деблокирана, вработените ќе ги добијат заостанатите плати.

„Точно е дека немаат добиено три плати од страна на Претпријатието „Паркинг“, но не затоа што не сакаме да ги исплатиме. И општината, и ЈП „Паркинг и зеленило“ има аргументи дека никогаш немале проблем со платите, но знаат дека сме блокирани од различни компании кои направија капитални инвестиции во нашиот град. Немаме друг начин да ја извршиме уплатата“, вели Јасин Демири.

И самите вработени потврдија дека досега немале никаков проблем со платите.