Парното од 1-ви поскапува од 14,18% до 16,31% – ако досега сметката била 1.800, од август ќе биде поголема за 250 денари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нови цени на парното греење. Регулаторна комисија за енергетика донесе одлука за зголемување на топлинската енергија од 14,18 до 16.31 процент, а сметките ќе бидат поголеми од август годинава. Причината за ова, како што истакна претседателот на Регулаторна комисија Марко Бислимовски е енормното зголемување на цената на природниот гас на светските берзи, која споредено со лани е поголема за 10 пати

„На најголемата мрежа на која што се снабдуваат преку 90 проценти од потрошувачите во градот Скопје цената на топлинската енергија се зголемува за 14,18 проценти, за потрошувачите во железарското греење во енергетика, цената на топлинска енергија се зголемува на 15,58 и за потрошувачите приклучени на мрежата во Скопје Север цената на топлинската енергија се зголемува за 16.31 процент. За една просечна сметка од 1.800 денари тоа значи зголемен трошок од 250 денари. Ако е сметката 2.000 денари, тоа е 2.800 денари“, вели Марко Бислимовски.

Бислимовски рече дека според одлуките се предвидува ТЕТО да обезбеди 70 проценти од потребната топлинска енергија а 30 проценти да се обезбедат од топланите. Мора да се обезбеди природен гас, бидејќи мазутот не е опција од еколошки причини, а ако не се обезбеди топлинска енергија тогаш ќе има проблем со снабдување на електрична енергија бидејќи граѓаните ќе се префрлат на греење со струја, истакна Бислимовски.

„ТЕТО не може да работи на мазут, топланите можат да работат да работат на мазут. Мазутот ќе претставува сериозен еколошки проблем доколку се користи за производство на топлинска енергија. Најбитно е да се обезбеди природен гас. Субвенциите кои што Владата ги одобри во февруари продоолжуваат до крајот на годината. Доколку ги немавме овие субвенции зголемувањето на цената ќе изнесуваше 37 проценти“, посочи Марко Бислимовски.

Бислимовски воедно апелираше и до сите потрошувачи, особено до државните и локалните институции во следната грејна сезона за штедење и намалување на греењето, бидејќи како што рече еден степен намалување на температурата на греење овозможува заштеда на енергенс од околу 5 проценти.