Партиите подготвени за избори, но по корона – Алијанса и Алтернатива сакаат на лето, БЕСА што поскоро

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Првиот човек на СДСМ, Зоран Заев, бара изборите да се одржат што е можно поскоро, а како предлог го дава периодот кон средина на јуни, додека неговиот политички опонент, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, предлага изборниот процес да се организира во првата половина на јули. Но, кој е ставот на албанските партии околу терминот за избори кој треба да се одреди следната недела на лидерската средба кај Претседателот на државата? Артан Груби од ДУИ, вели дека за нив периодот не претставува проблем.

-Ние нарачавме анкета и како политичка партија, обемна, за да видиме која е волјата на граѓаните. Поради тоа се двоумиме да прифатиме брзо избори. Ако утре се објави победа над вирусот Ковид-19 и граѓаните се чувствуваат слободни да бидат дел од изборите, тогаш нека има избори во мај, јуни, јули. Ние сме подготвени, бидејќи бевме подготвени и во мај и во април-рече Груби.

И лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, тврди дека најдобриот период за избори е кога веќе нема да има нови случаи на коронавирус.

-Очекувањата се дека вирулентноста или морбидитетот на коронавирусот да се намали во периоди со повисоки температури. Затоа ние како Алијанса за Албанците мислиме дека најдобриот период за одржување на избори би бил периодот кога температурите ќе се повисоки, а тој период за Македонија е крајот на јули или почеток на август. Зошто не наесен? Бидејќи има најави дека се очекува нов бран на вирусот наесен-изјави Села.

Од Движење Беса, бараат изборите да се одржат час поскоро, но без да се загрози здравјето на граѓаните.

-Ние првенствено би сакале што поскоро да се надмине оваа ситуација, да се олабават рестрикциите кои се воведени и ако се исполнат условите, за да не биде ставен во опасност животот на граѓаните, секако дека би се согласиле изборите да се одржат што поскоро-рече Хоџа.

Алтернатива поконкретна во својот став:

-Сметаме дека кога веќе се одложија, најсоодветен период би бил јули, односно крај на јули. Веруваме дека ова ќе биде и ставот на Алтернатива на следната лидерска средба кај Претседателот на државаташ-изјави Реџепи.

Првиот човек на ДПА, вчера се произнесе „за“ што поскоро одржување на изборите, со цел како што рече, да се обезбеди функционална власт, но истовремено побара и партиите да се договорат како ќе бидат изборите, колку луѓе ќе учествуваат на собирите, бројките и сл.
Следната недела, меѓу 11 и 15 мај, лидерите на главните партии во земјата ќе се сретнат кај Претседателот во Вила „Водно“ за да договорат термин за претстојните парламентарни избори.