ВМРО ДПМНЕ и СДСМ нема да прифатат пензионирање на 67 годишна возраст за мажи и за жени. Но, премиерот Христијан Мицкоски денеска не откри дали ќе ја прифатат втората сугестија на Фискалниот совет со која се предлага од 1 јануари 2026 година компаниите да плаќаат дополнителни 0,7 процентни поени за пензиско осигурување со што оваа стапка од сегашните 18,8, ќе се зголеми на 19,5 отсто. Кога ќе решеле, ќе не информирале како јавност. Освен Мицкоски, тајновити беа и од Стопанската комора на македонија.
„Јас повторно ќе кажам дека денеска сме на еден настан на кој што станува збор за вработливост на постоечкиот кадар во нашата држава. Вакви теми ние ќе ги дискутираме во делот на Стопанската комора и организираме тематски пресови каде што можете да поставите прашања, надвор од настанот кој што денеска го организираме.“, изјави Наташа Јаневска од Стопанска Комора на Македонија.
Според претседателот на Фискалниот совет Глигор Бишев, зголемувањето на придонесот ќе значи нова, поголема давачка за фирмите, но нема да ја наруши конкурентноста бидејќи Македонија после Косово, има најниска стапка на пензиски придонеси.
Тој истакна дека ако не се преземат чекори за санирање на Фондот за пензиско, до 2028 година ќе имаме драстично зголемување пари, кои ќе бидат потребни од буџетот да се префрлат во ПИОМ за да се исплатат пензиите. За 2025 година, овој износ е 536 милиони евра буџетски пари.
„Се додека постои економија и држава ќе се исплаќаат пензиите. Меѓутоа, ние укажуваме на ризиците да исплаќањето на пензиите не ја поткопа стабилноста на економијата и стабилноста на буџетот.“, рече Глигор Бишев.
Бишев додаде дека ако се зголеми стапката на придонеси за пензиско осигурување на 19,5 отсто, во 2027 ќе треба да се направи оценка дали ги дала резултатите и се санирал Фондот или ќе биде потребна нова корекција од 1 јануари 2029 година кога оваа стапка би требало да биде 21 отсто. Инаку, во Македонија се плаќало 21,2 отсто пензиски придонеси до 2008 година, кога тогашната влада ВМРО ДПМНЕ ја намали на 18, по што владата на СДСМ во 2019 и 2020 ја зголемување стапката за по 0,4 за да ја имаме сегашната од 18,8 отсто.
