Партиите разговараат за една изборна единица, албанскиот блок не се согласува, ДУИ е за три, Алијанса за осум ИЕ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Се интензивираат разговорите за измени на Изборниот законик за воведување 1 изборна единица. На средбата во Собранието на претседателот на Демократскиот Сојуз Павле Трајанов со координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски како и на ВМРО-Народна партија Љупчо Балковски предложено е изборните реформи да се одвиваат во три фази и тоа за 1 изборна единица, за рекламите на партиите за време на изборите,како и за уставните измени за намалување на пратениците од 120 на 90. Мицевски вели дека сега е добро да почне процедурата за 1 изборна единица, за која најавува јавна дебата.

„Овој процес треба да отпочне во насока на демократизација на државата. Гледаме дека се создава клима за оваа работа и процесот ќе продолжи и во наредниот период. Секако со отворањето на самата тема односно со поставувањето на Законот на Комисија а потоа и на пленарна седница ќе има можност за истиот да се разговара да бидат употребени и анализите од компаративното право кој што ќе дадат размислувања дали и колку би требало да биде прагот“, вели Мицевски.

Блокот партии на Албанците во земјава не се согласуваат со една изборна единица, за што ДУИ смета дека треба да има 3 изборни единици, а Алијанса за Албанците бара 8 колку што има регионални економски зони. Павле Трајанов вели дека мнозинството пратеници се за 1 изборна единица.

„Досега во изборните циклуси во 6-тата изборна единица пратеник се станува со 6 илјади и 500 или 700 гласови, а во третата изборна единица некаде од 9 до 10 илјади. Секој пратеник во парламентот треба да има иста тежина и иста поддршка. Така што сите тие нелогичности и неправилности ако Македонија биде една изборна единица тогаш ќе се надминат. Најавивме разговори и со ДУИ, со Али Ахмети и со другите претставници на другите партии доколку се подготвени да разговараме“, рече Трајанов.

Од СДСМ велат дека ВМРО-ДПМЕ е лицемерна во своите изјави дека поддржуваат една изборна единица а за себе велат дека го поддржуваат предлогот.

„Сме за една изборна единица и дека треба да разговараме за сите модалитети на таа една изборна единица. Прво гледате дека и денес има различни ставови, едни зборуваат за една изборна единица со праг, други без праг, може да се отвори прашањето за колкав да биде тој праг, дали 2 посто 2 и пол посто, дали од запишаните, дали од излезените гласачи се отвора прашањето за помалите етнички заедници односно за гарантираните места на помалите етнички заедници затоа велам тоа е сложен процес за кој што треба да обезбедиме консензус од сите“, рече Митревски.

Во истовреме на седница на Собранието на 10 февруари треба да започне процедурата за укинување на Пржинската влада. Партиите главно се согласни, а и материјалите за предлог измените на законот за Влада се веќе преведени. Во однос на барањето за намалување на бројот на пратениците од 120 на 90 засега се уште е во фаза на првични согледувања на мислењата.