Партиите со честитки за 24 Мај – Денот на Светите Кирил и Методиј

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Партиите денеска упатија честитки по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, истакнувајќи го значењето на нивното дело за македонскиот јазик, култура и идентитет.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека делото на светите браќа останува вечен аманет да го чуваме јазикот,  традицијата и идентитетот.

„Со особена почит и благодарност, денес оддаваме признание на светите браќа Кирил и Методиј, сесловенските просветители и основоположници на словенската писменост и духовност. Нивното дело претставува еден од најзначајните темели на словенската цивилизација, култура и образование. Со создавањето на првата словенска азбука, глаголицата, Светите браќа Кирил и Методиј, овозможија ширење на словото Божјо на разбирлив и народен јазик, отворајќи пат кон писменоста, просветата и духовниот развој на словенските народи.

Нивната мисија беше подоцна продолжена од нивните ученици, меѓу кои и Свети Климент Охридски, преку чие дело се развива кирилицата, писмото кое претставува основа на македонскиот јазик. Делото на Светите Кирил и Методиј е длабоко вкоренето во македонската национална историја и културниот идентитет. Нивната просветителска мисија не познава граници, затоа што тие ги поставија темелите на писменоста, образованието и духовните вредности што и денес нè обединуваат.

Овој голем празник, нè потсетува на нашата обврска достојно да го чуваме и негуваме македонскиот јазик, да ја почитуваме традицијата, да вложуваме во образованието и да го пренесуваме ова бесценето наследство на идните генерации. Да бидеме чувари на светлината што ја запалија Светите браќа Кирил и Методиј, зачувувањето на нивното дело е чест и одговорност кон нашето минато, сегашност и иднина, затоа што тие ја претворија писменоста во светлина за идните поколенија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ пак велат дека македонскиот јазик е признаен и заштитен, додека пак симбол на патриотизам е интеграцијата во Европската Унија.

„Денеска го одбележуваме Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј – основачите на првото словенско писмо. Делото на Кирил и Методиј не е само симбол на духовноста и писменоста кај словенските народи, туку темелот на нашиот македонски идентитет, јазик и култура. Ние, и сите идни генерации, имаме обврска да го почитуваме и негуваме наследството кое Светите Кирил и Методиј ни го оставија. И горди сме што покажавме дека се грижиме за нашето културно наследство, за нашиот македонски јазик и за иднината на државата.

Во периодот на владите на СДСМ беа донесени храбри и државнички одлуки, благодарение на кои денес македонскиот јазик е признат и рамноправен во Обединетите Нации и во Европската Унија. Со договорот со Фронтекс, македонскиот јазик е официјално признаен од Европската Унија, потпишан чисто на македонски јазик, без фусноти, без додавки, од сите земји членки на Унијата.

Тие што не обвинуваа дека сме предавници денеска признаваат дека свесно го лажеле народот, дека со Преспанскиот договор се заштитени македонскиот идентитет, македонскиот јазик и македонската култура. Признаваат и дека членството во НАТО е добро за државата и за безбедноста на граѓаните. Тоа се факти кои никој повеќе не може да ги негира.

За жал загубивме години кои не смееме повеќе да ги губиме. Патриотизам не е создавање поделби меѓу граѓаните, изолацијата не носи добро на ниту еден народ. Вистински патриотизам е да ја обезбедиш иднината на државата, да го заштитиш идентитетот и да обезбедиш рамноправно место за Македонија меѓу европските народи. Интеграцијата во ЕУ, во големото европско семејство на рамноправни народи е најголемиот чин на патриотизам и најсилната гаранција за иднината на македонскиот народ, македонскиот јазик и македонската држава“, истакна Богданка Кузеска.