На утрешната лидерска средба кај претседателот на државата Стево Пендаровски изборите најверојатно ќе бидат одложени, откако лидерите на партиите порачаа дека сега не е време за спроведување на изборниот процес, туку поради состојбата со корона вирусот тие треба да се одложат. Со ова се поизвесен е и исходот од денешниот состанок на Советот за безбедност што уште во петокот го свика претседателот Пендаровски. Заев рече дека ќе бара организирање на лидерска средба за партиите да донесат заедничка одлука за одложување на изборите.
„Во вакви услови повеќе од јасно е дека условите не дозволуваат нормално спроведување на изборите. Наместо во организација на изборите сега е време секој еден ресурс и човечки и институционален и политички да се стави во функција на заштита на граѓаните и борба со вирусот. Затоа денеска јас во името на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија чиј претседател сум повикувам да се организира лидерска средба на претседателите на политичките партии на која ќе се разговара за одложување на изборите.“, изјави Заев.
Со одложување на изборите се согласува и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски оценува дека изборите би значеле отворање на нови жаришта со Корона вирусот, бидејќи на денот на гласањето излегуваат илјадници граѓани. И тој како и Заев бара лидерска средба за одложување на изборите.
„ Јас во овие моменти го одбирам, без трошка колебање интересот на државата и граѓаните, и затоа денес утрово побарав свикување на лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски со точка на дневен ред разговор за одлагање на превдремените парламентарни избори со цел заштита на здравјето на граѓаните. Потребно е одговорно однесување, кон граѓаните и државата. Нема ниту една разумна, и ниту една човечка, рационална, и прагматична причина тие да не се одложат“, изјави Мицкоски.
Изборите се последна точка на нашата агенда, сега нас ни треба победа на вирусот а не избори објави и лидерот на ДУИ Али Ахмети на својот фејсбук профил.
„Изборите и кампањите се последни прашање на нашата агенда на приоритети, затоа што ги ставивме сите наши човечки, интелектуални, институционални капацитети во служба на заедничката борба против вирусот. Сега, потребна ни е победа над вирусот, а не изборната победа. Со изборите и кампањата ќе се занимаваме потоа откако ќе ја надминеме оваа закана за сите нас. “, рече Ахмети.
Се обидовме да добиеме информација дали и Алијанса за Албанците ќе прифати одложување на изборите, но одговор не добивме. На нивната фејсбук страна има повик до граѓаните за придржување на мерките за справување со Корона вирусот.
