По предлогот кој произлезе од вчерашната седница на Советот за безбедност за воведување кризна состојба во траење од 30 дена, политичките партии со поделени ставови. Од опозициските ВМРО-ДПМНЕ се сомневаат дека зад воведувањето кризна состојба се крие обид за профитирање.
„Се сомневаме дека оваа кризна состојба особено во здравствениот сектор може да донесе за некого дополнителни профити а за некого или за некои здравствени установи дополнителен хаос кој што го имаме во голем дел од државните болници.“, рече Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Од Алијанса за Албанците велат дека тие се за воведување кризна состојба поради се поголемиот број заболени. Лидерот на партијата Зијадин Села вели дека донесувањето ваква одлука е дури задоцнета имајќи предвид дека состојбата со корона вирусот не е менаџирана како што треба и воедно побара одговорност.
„Веќе се гледа и според бројот на жртви и на новозаразени и мислам дека треба да се воведе кризна состојба а од друга страна не треба ова да помине без одговорност.“, рече Села.
Во моментот кога зборуваме граѓаните не можат да добијат здравствена услуга како што треба бидејќи здравствени капацитети се полни.
Нормално е дека треба да се прогласи кризна состојба за да се менаџираат и другите капацитети во државата.
За одлуката на Советот за безбедност за воведување кризна состојба која е за прв пат на цела теротирја на земјава вчера по состанокот образложи претседателот на државата Стево Пендаровски.
„Но откако ќе биде прогласена кризната состојба, тогаш законот за одбрана и законот за управување со кризи, посебно даваат многу пошироки можности за поддршка на надлежните институции, пред се здравствените од страна на армијата.“, рече Пендаровски.
Инаку со ваквата одлука кризниот штаб се заменува со управувачки комитетот во кој ќе учествуваат министрите за внатрешни, одбрана, комисиите за безбедбност во Собранието, како и опозицијата. Надлежните институции ќе направат план со кој ќе се стават на располагање и капацитетите на приватните болници. Воведувањето кризна состојба на територија на цела држава не значи и автоматски воведување полициски час и рестрикции во движењето.
