Патот кон Tетовска бања ризичен за граѓаните – општината ветува дека наскоро ќе се постави потпорен ѕид

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Патот кој води кон Тетовската бања и понатаму без потпорен ѕид. Свлечиштата и одронот на карпите претставуваат голема опасност, особено при врнежи од дожд. Општината Тетово ветува дека ќе се изгради ѕид и вели дека е прашање на време кога ќе почнат активностите.

„Проектот за санирање на овој патен правец, уредување на потпорен ѕид на патот кој води до Градските бањи, кој воедно е проект на УНДП, ја помина постапката за јавна набавка и наскоро компанија што го доби тендерот ќе започне со реализација на градежните активности. Реализацијата на овој проект е само прашање на време“, велат од општина.

Граѓаните велат дека на ова место секој градоначалник се фотографирал пред избори, но по добивањето на мандатот заборавале на ветувањето.

„Опасно е во зима кога е влажно и паѓаат камења“.

-Дали ви се случило да паѓаат камења додека поминувате?

„На мене не, но кога поминував ги видов до тука. Нема што да правиме, овој градоначалник зборуваше за Теута, заради ова победи дојде тука и велеше – Теута, Теута, Теута, но каде е денес? Го нема никаде, седна во фотелја и толку. Доаѓаа со оној доктор и снимаа – еве што направи Теута!“

„Треба, но кој да го дигне ѕидот?  100 пати велеа досега, но нема кој да го изгради“.

-Дали се чувствувате загрозено?

„Како не! Зарем ова не е опасност, камења колку сакаш. Немаат време да го постават ѕидот, колку градоначалници поминаа досега и велеа – ќе го направиме, ќе го направиме“.

„Треба да има ѕид или мрежа, бидејќи често се случува да паѓаат камења“.

-Се чувствувате загрозено?

„Секако, сум видел како паѓаат камења“.

Овој пат е изграден пред пет години, а граѓаните го користат за пешачење или трчање околу реката Пена. Во текот на летниот период, ова место е доста посетувано поради минералната вода и свежината што ја нуди.