Патот Тетово – Призрен – Меџити и Касами ветуваат дека договорот ќе помине во Собрание

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Патот Тетово-Призрен останува еден од проектите за кој најмногу се зборува меѓу лидерите на ВРЕДИ во Македонија и владата на Курти во Косово. Додека Косово го изгласа договорот за проектирање на тунелот и одвои финансиски средства за експропријација на земјиштето каде што ќе минува патот,  во владата на Северна Македонија сè уште не е помината ратификацијата на договорот. Пред неколку дена првиот вицепремиер Изет Меџити изјави дека за овој пат во Косово разговарал, но приоритет останува автопатот Скопје-Блаце.

„Првата средба во Косово ја имав со министерот Либурн Алиу, со неговиот тим, бев со кандидатот за заменик министер за транспорт Калтрина Зеколи и прва тема беше патот Тетово-Призрен, меѓу другото разговаравме и за Скопје- Блаце за кој се зборува 13 години и не е мрднат повеќе од овие два километри. Работат интензивно, косовската страна и ние, иако сме во првите дена, уште не сме седнале убаво, но веднаш отидовме на овие две теми“, вели Изет Меџити.

Градоначалникот на Тетово, истовремено еден од лидерите на ВРЕДИ, Биљал Касами, рече дека сега Македонија ќе треба да ја помине ратификацијата на договорот за објавување на тендерот за отворање на тунелот, но на прашањето кога, Касами рече дека тоа ќе се случи на првите седници на Собранието.

„Сега Владата на Северна Македонија покажува вистинска посветеност, не само декларативна, знаете дека јас и премиерот Курти излеговме да промовираме пат што го поврзува Вејце со Тетово, потоа почнаа процедурите за распишување на тендерот за проектот за поврзување на Тетово со Призрен. Според информациите што ги имаме, тој е поминат во Собранието на Косово, сега истиот договор ќе треба да помине и во Собранието на Северна Македонија, за да може да се распише меѓународниот тендер и да се започнат процедурите. Верувам дека на првите седници ќе почне ратификацијата на договорот бидејќи ратификацијата е меѓу двете влади за да почнат процедурите за распишување на тендерот за проектирање на тунелот“, вели Биљал Касами.

Овој проект, како што изјави премиерот на Косово, Албин Курти, ќе чини 200 милиони евра. Половина од проектот треба да го финансира Македонија, но засега нема конкретен чекор од страна на македонската влада. Останува да видиме дали со ребалансот на буџетот ќе има средства за овој пат за кој толку многу се зборува и ветува.