Пациент обвини дека го бркаат од Клиника, се огради од Асоцијацијата за цистична фиброза

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Асоцијацијата за цистична фиброза се оградува од тврдењата на Игор Пехчевски, пациент со цистична фиброза кој вчера обвини дека му се заканила директорката на Детска клиника, Стојка Фуштиќ дека ќе го отстрани од Клиниката доколку се жали по медиуми дека нема терапија за него. Од Асоцијацијата велат дека личните незадоволства на Пехчевски можат да бидат на штета на сите пациенти и на се она што до сега го постигнала оваа асоцијација.

„Во врска со најновите случувања и изјава на пациентот Игор Пехчевски, член на АЦФ, Асоцијацијата се оградува од лично изнесениот став на пациентот поврзан со лечењето и третманот кон него. Воедно, како Асоцијација на пациенти немавме и немаме забелешки за професионалниот пристап и третманот од страна на здравствените работници задолжени за оваа специфична здравствена состојба. Напротив, токму заради професионалниот пристап, голема е почитта кон сите нив меѓу кои и професорката Стојка Фустиќ.“, стои во соопштението од Асоцијацијата за цистична фиброза.

Веднаш следеше реакција од Пехчевски против Асоцијацијата. Обраќајќи се до раководството на асоцијацијата, пишува дека капетанот последен го напушта бродот, а во овој случај, прв.

-Сострадувам и се борам за СИТЕ мои Соборци болни од Цистична фиброза, но се смеам кога под ПРЕТСЕДАТЕЛОТ и ПРЕТСЕДАТЕЛОТ први ќе добијат од лекот а пред да го добијат ќе цимолат и неможат да добијат ништо додека едно дете кое никој не го знае и познава не излезе со ТРАНСПАРЕНТ од болничкиот кревет со транспарент ТРИКАФТА ЗА СИТЕ❗️Потоа во името на Асоцијација за цистична фиброза каде сите треба да бидеме еднакви организираат средби, работни групи за да на крајот го добијат лекот и без срам се оградуваат од БОРБАТА на еден свој СОБОРЕЦ-стои во објавата на Пехчевски.

За состојбата на Пехчевски е информиран и министерот за здравство Фатмир Меџити. Тој рече дека министерството не одлучува кој го добива лекот, а кој не. Меџити додаде дека работат на тоа пациентите со цистична фиброза да добијат поквалитетен и поиновативен лек за подолг период

-Го знам случајот со пациентот, но Здружението за цистична фиброза беше во медиумите и има известување дека се оградуваат од она што го кажува дотичниот пациент. Верувајте дека немаше Комисија за цистична фиброза, формиравме Комисија од сите партии пред 3 недели, плус повикавме претставник од организацијата за цистична фиброза. Ги разгледуваме сите процедури и можности еднаш засекогаш да го решиме овој познат проблем-рече Меџити.

Директорката Стојка Фуштиќ вчера демантираше дека на Пехчевски му се заканувала со исфрлање од Клиниката. Таа рече дека на пациентот му било понудено да остане со семејството за време на празникот Велигден, но откако тој одбил, му било понудено да остане до вторник бидејќи неговата здравствена состојба не е толку лоша и може да се одржува стабилна со интравенска антибиотска терапија додека стигне лекот за сите. Министерот Меџити го поддржа ставот на директорката за која рече дека не сака да додава повеќе зборови надвор од она што го изјавила Фуштиќ.