Пациентите со канцер бараат терапија, а не привилегии – Министерството ветува решенија, клиниката тврди дека проблемот се надминува

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Не бараме привилегии, бараме терапија за лекување на ракот“ – со вакви транспаренти во рацете, пациентите протестираа пред Министерството за здравство.

Од здружението „Хема-Онко“ посочија дека пациентите со различни видови тумори, покрај борбата за живот, постојано се соочуваат и со недостиг на витални терапии, како што се „Фулвестрант“ и „Золадекс“. Велат дека со недели недостасувале и дел од основните цитостатски терапии, кои исто така се на позитивната листа.

„Во изминатите пет години, онколошките пациенти во оваа држава, без разлика кој бил министер и која власт била на власт, постојано се оставени да чекаат за својата терапија. Она што го сакаме и го знаеме е дека не бараме привилегии – сакаме само терапијата да ја добиваме навреме и континуирано, за да можеме да функционираме како група, да си помагаме меѓусебно со психолошки совети и да работиме на превенција“, порача Ана Марјановиќ.

По протестот, претставниците на здружението беа примени на средба кај заменик-министерот за здравство Јовица Андоновски. На средбата се разговараше за новиот Закон за лекови, при што беше договорено нивните препораки активно да бидат вклучени во креирањето на политиките и законските решенија што директно ги засегаат пациентите.

„На средбата беше разгледана состојбата со онколошката терапија, како и мерките што се преземаат за надминување на долгогодишните предизвици со кои се соочуваат пациентите. Беше истакнато дека е обезбедено рекордно зголемување на буџетот за онкологија и дека се работи на подобрување на пристапот и континуитетот на терапијата“, вели МЗ.

По средбата, Ана Марјановиќ од „Хема-Онко“ соопшти дека преку групата „Пеперутки“ пациентите ќе бидат информирани во кое време ќе пристигнува одредена терапија, за да не доаѓаат непотребно и да чекаат во редици на овие високи температури.

ТВ21 побара став и од Фондот за здравствено осигурување, од каде што информираа дека навреме ги префрлиле предвидените буџетски средства за онколошките терапии и дека одговорноста треба да се бара кај добавувачите кои го добиле тендерот од Клиниката. Во меѓувреме, Клиниката за онкологија преку објава на Фејсбук соопшти дека проблемот е надминат.

„Регистрирано е краткорочно доцнење во испораката на мал дел од препаратите што се на позитивната листа на Фондот за здравствено осигурување, како резултат на повеќе објективни околности, меѓу кои зголемена потрошувачка, зголемен број пациенти, периодот помеѓу две јавни набавки, како и делумен недостиг кај дистрибутерите. Поголемиот дел од потребните препарати веќе се обезбедени и доставени на Клиниката, додека преостанатите количини се очекува да бидат достапни во текот на оваа недела“, велат од Клиниката за радиотерапија и онкологија.

Да потсетиме, поранешното раководство на Клиниката веќе се соочува со обвиненија пред суд за злоупотреба на онколошките терапии, откако медиумите го открија скандалот со нелегална продажба на скапите лекови, поради што токму пациентите со рак, кои имаа право на терапија преку здравственото осигурување, остануваа без потребните лекови.